Канти за селекција на пластичен отпад денеска беа поделени низ Новаци, како дел од намерите за едукација, а и практична примена на потребата од селекција на пластичниот отпад, кој е голема закана за средината во која што живееме, а и потребата од еколошко престројување како што тоа е пракса во западниот свет.

„Општина Новаци и ЈПКД „Комунална хигиена“ Новаци во соработка со министерството за животна средина, започнуваат со пилот проект селекција на отпад од пластика во 80 домаќинства од Новаци. Денес беа доделени канти за селекција за предвидените домаќинства. Предвидено е селектираниот отпад кој ќе се одлага во кантите да се собира секој втор четврток во месецот, односно во согласност со насоките кои ќе бидат дадени од ЈПКД „Комунална хигиена“ Новаци.

Пилот проектот ќе овозможи да се подигне свеста на граѓаните за потребата од селекција на пластика и да се намалат негативните влијанија врз животната средина. Следни чекори ќе бидат да се опфатат сите домаќинства во општината за селекција на ПЕТ амбалажата како прва фаза, а во нареден период планираме и да се прошири опфатот за селекција на други фракции на отпад“ вели градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.

Во секој процес важен е и едукативниот дел. Освен кантите кои денеска беа поделени, домаќинствата добија и едукативни флаери како да постапуваат, а општината пак црпи и странски искуства во ова еколошко престројување.
Едукативниот дел го реализираат во соработка со невладината организација Салар интернационал, а градоначалникот зборува и за студиската посета на Шведска, каде биле конкретно за оваа активност.

Загадувањето со отпад од пластика претставува локален и глобален пробем кој има негативни последици врз животната среина. Пластиката е неразградлив отпад, но истовремено има и висока економска вредност. Ако не се селектира ќе остане за секогаш, во конкретниот пример во депонијата „Мегленци“.
Кантите кои денеска беа поделени ќе се празнат на секои две недели од домовите на жителите.












