Режисерот Владимир Милчин на сцената на Прилепскиот театар го поставува текстот „Аудиција“ од Александар Галин. Претставата финансиски е поддржана од годинешната програма за работа на театарот „Војдан Чернодрински“.
Според Милчин, претставата ќе биде горчлива комедија, современа, денешна.
„ Мислам дека е многу актуелна денес, особено во нашето општество. Ако режисерот не сработи со актерите, претставата нема да биде добра. Претставата ќе биде добра само ако актерите од срце го играат текстот. Галин сум го работел со студенти на ФДУ, кога како студент играше прилепскиот актер Владимир Ѓоргијоски, кој денес не е тука. Изгледа тоа што го одигра таму му се случи во животот“, вели Милчин.

Во претставата играат: Јасмина Мицовска Станкоска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Марија С.Илијески, Наташа Ачански, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Илија Волчески, Михајло Миленкоски, Сара Спиркоски. Изборот на музиката ќе биде на режисерот, за сценографијата е задолжен Крсте Џидров, а за костимите Марија Пупучевска.
Инаку, Александар Галин (1947) е еден од најпродуктивните, најпознатите и најизведуваните современи руски драмски автори (Кољада, Слаповски, Садур, Богаев), не само дома, туку и во странство. Негови пиеси се изведени на сцените на московскиот МХАТ, лондонскиот кралски шекспировски театар, парискиот Одеон и берлинскиот Шилер театар.
„Горчливата комедија „Аудиција“ зборува за копнежот по малку подобар живот кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Напишана е во 2000 година.












