Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговата влада се соочуваат со можност да бидат сменети од функцијата следната недела, бидејќи земјата излегува на избори во кампања што е доминирана од прашањата за Украина, цените на енергијата и подемот на крајната десница, пишува денеска Скај Њуз.
Изборите се одржуваат откако владејачката трипартиска коалиција се распадна на денот кога беше потврдена победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД минатата година.
Германците ќе гласаат в недела, на 23 февруари, а гласачките места ќе бидат отворени до 18 часот.
Германија има две главни центристички партии: Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц и опозициските конзервативци – Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нивната баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).
Поддршката за двете партии опадна во последниве години, додека помали партии како Зелените и крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) добија на популарност.
Во изборната трка учествуваат и пазарно ориентираните Слободни демократи (ФДП), крајно-левичарската Левица (Die Linke) и Алијансата на Сара Вагенкнехт (БСВ), нова партија на левицата.
Германскиот изборен систем се разликува од британскиот. Секој гласач има два гласа – еден за кандидат во неговата изборна единица и еден за партиска листа.
Во Бундестагот има 630 пратенички места, кои се распределуваат според процентот на освоени гласови на партиите. Откако се утврди бројот на мандати што и припаѓаат на секоја партија, пратениците се избираат според ранг-листа заснована на резултатите од изборните единици.
Новиот состав на Бундестагот потоа го избира канцеларот со апсолутно мнозинство.
МИА












