Директорот на битолски „Водовод“ Андреј Гинов уште еднаш повика на рационално користење на водата и кажа дека започнаа со вонредни контроли.
„Секаде каде што ќе се затекне кражба или злоупотреба на питка вода уште денес ќе побарам од Управниот одбор да се зголемат казните за 100 проценти“ вели Гинов.
Од битолски „Водовод“ ги информираме сите корисници дека поради високите температури, потрошувачката на вода во водоводниот систем на ЈКП „Водовод“ – Битола е драстично зголемена и надминува 700 литри во секунда.
Како резултат на тоа, велат од „Водовод“ притисокот во системот е намален, што предизвикува проблеми со водоснабдувањето, особено на критичните и повисоките делови од градот.
„Апелираме до сите корисници за рационално користење на водата, односно да се користи само за основни потреби: Пиење, лична хигиена и готвење. Истотака, ги потсетуваме граѓаните што живеат во висококатници да ги користат своите хидрофорски постројки за обезбедување соодветен притисок“ вели Гинов.












