Гитарскиот виртуоз Стив Вај го имаше својот прв концерт во Македонија во организација на „Авалон продукција“. 62-годишниот американски гитарист настапи во салата „Борис Трајковски“, со комплетно своја опрема после концертот претходниот ден во Софија.

Во Македонија тој настапи во рамките на европската турнеја на која го промовира својот нов албум „Inviolate“. Вај важи за еден од најспектакуларните рок и хеви метал гитаристи. Кариерата ја започнал во групата на Френк Запа, а потоа сними девет соло албуми и освои три Греми награди. Покрај Запа, свирел и соработувал и со Дејвид Ли Рот, „Вајтснејк“, Алис Купер, „Моторхед“, истовремено градејќи богата кариера како виртуоз со крајно индивидуалистички и иновативен пристап кон својот инструмент. Магазинот „Guitar World“ го прогласи за 10. најдобар гитарист на сите времиња.

Вај го направи најспектакуларното рок-шоу оваа година во Македонија.
„Од сите концерти реализирани од страна на Авалон Продукција оваа година, не постои концерт на кој присуствувала поодбрана публика која навистина знае зашто е дојдена и што може да очекува, публика од цела Македонија и околните држави. Беше уживање да се напише оваа триумфална приказна заедно со Стив кој одржа извонреден 2.5 часовен рок спектакл и вети дека ќе се врати во Македонија“, изјавија од Авалон.
Вај докажа дека главен параметар за тоа дали еден концерт е добар или не е квалитетот на свирењето, изведбата, енергијата и љубовта кон инструментот на тој што го свири. Албумот на Вај изминатата година се позиционираше како број 1. на Hard Rock Albums листата.
Видео: Агим Џело












