И покрај најавите дека посебната апликација Google Street View ќе биде згаснета, автомобилите на Гугл може да се видат деновиве низ Македонија и низ Битола. Според информацијата на МИА од пред неколку дена, автомобилите во наредните неколку недели ќе се движат низ државата посебно низ Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Охрид и Струмица. Целта на ова возење, како што посочуваат од Google, е да се ажурираат фотографиите на Google Street View од градовите, патиштата и автопатите на Google Maps.
Street View е популарна функција на Google Maps, со над 220 милијарди слики на Street View од целиот свет, вклучувајќи ги Антарктикот и Арктикот. Достапно е на десктоп и мобилни уреди, како и на Google Earth. Започна да се реализира во 2011 година, најпрвин низ улиците на САД, а потоа и низ цела планета. Во Македонија првпат снимките на Гугл стрит беа нправени во 2014 година, а објавени во 2015.
-Бидејќи инфраструктурата во градовите и меѓу нив се развива со текот на времето, неопходно е редовно ажурирање. Новите фотографии ќе им помогнат на корисниците да се движат поефикасно и да ги планираат своите патувања со поголема леснотија. Street View нуди поглед од 360 степени на улиците, како и културни и природни знаменитости, велат од Google и додаваат дека се силно посветен на заштита на приватноста. Пред да се објават собраните фотографии, како што посочуваат, се обработуваат со технологија која ги замаглува лицата на луѓето и регистарските таблички на возилата за да се осигура дека тие не можат да се идентификуваат, со што се заштитува приватноста.
Информацијата на МИА натаму нагласува дека благодарение на Google Street View, корисниците веќе можат да истражуваат некои од најзначајните знаменитости во земјава, вклучувајќи историски локалитети, културни споменици и природни убавини како што се Охридското Езеро, историскиот Камен Мост во Скопје или живописните улици на Битола.












