На 126 страници, општина битола го изработи својот општински енергетски план за 2026 година, документ што утре ќе се најде пред советниците на 6-та седница на советот. Седницата се одржува токму на денот на крајниот рок што министерство за енергетика ѝ го постави на општината за негово усвојување и објавување во службен весник.
Со разгледувањето на овој обемен документ, Советот на Општина Битола утре ќе треба да одлучи дали градот навистина е подготвен за забрзана енергетска транзиција – или планот ќе остане само уште еден документ усвоен во последен момент. Утре на седница советниците мора да го усвојат, меѓу другото и затоа што во согласноста од Министерството се препорачува негово целосно објавување во Службен Гласник не подоцна од 26 февруари.
Прифатениот Општински енергетски план е стратешки, но и оперативен документ, кој јасно покажува каде е општината денес, каде сака да стигне и како ќе стигне таму.

Содржи целосна анализа на состојбите, со список на желби и ризици за нивна реализација и предвидува неколку сценарија за 2026 година за кои би биле потребни од 32 илјади евра до над 1 милион евра за најамбициозното сценарио.
Битола има развиената преносна и дистрибутивна инфраструктура, може да ја игра улогата на енергетски центар, проектот за топлификација од РЕК Битола, високиот соларен потенцијал во Пелагонија и постоењето стручен инженерски кадар – се дефинираните силните страни на градот.
Застарената технологија и ниската ефикасност на блоковите во РЕК Битола, големата зависност од јаглен, слабата енергетска ефикасност на станбениот фонд и ниската стапка на гасификација во градот. – се вброени во слаби страни.
Сепак, планираното напуштање на јагленот до 2030 година, ризиците по локалната економија, и енергетската сиромаштија се дел од ризиците, но од аспект на општината еден од главните ризици е можното доцнење во изградбата на секундарната мрежа за топлификација, и можното масовно инсталирање на фотоволтаици и недоволно знаење за обновливи извори на енергија.
Планот ги утврдува и приоритетите за 2026 година за општина Битола: воспоставување енергетски менаџмент и базна линија, брзи мерки за енергетска ефикасност (LED осветлување, регулација на греење и ладење), пилот-кровни фотоволтаици на јавни објекти и паралелна програма против енергетска сиромаштија.
Усвојувањето на општински енергетски план е во директна врска со општинскиот буџет, можноста за користење на пари од европските фондови и банки и од државните планирани за оваа намена.
Доколку советниците, исправени пред свршен чин, не го изгласаат предложениот план, општина Битола ќе остане без легитимна енергетска политика и пари за проекти што упатуваат на енергетска транзиција.


















