Институтот за македонски јазик дигитализираше 5 милиони записи македонско творештво.
„И по десет и по дваесет, и по педесет години научниците ќе можат да ѕирнат во картотеките на Институтот преку дигиталната форма. Tоа е оставштина за следните генерации“, истакнуваат од Институтот.

На самите почетоци на овој процес беше истакнато дека процесот на забрзана дигитализација е неопходен. Блаже Конески, Ацо Шопов, па сѐ до автори кои твореле од 14-от век до денес, може да се најдат во дигиталниот свет. Македонската читателска публика се радува на дигитализацијата, бидејќи не се чести делата на македонските творци во дигитална верзија. Цело творештво дигитализирано од 14. век сè до современите автори, основоположниците, генерации лингвисти и вработени во Институтот, го прибирале и складирале седумдесет години. Ова литературно богатство сега е заштитено од пожари, поплави, елементарни непогоди и живее во виртуелниот свет.

Дигитализирани се 12 картотеки со 5 милиони записи македонско творештво кое идните генерации ќе може да го користат во следните 500 години.
„Нашите картотеки во Институот се доказ за постоењето на македонскиот јазик, на македонскиот народ, за неговиот развој и за неговиот идентитет,“ истакна Јованова Грујовска, директорката на Институтот. Секој запис има рачно напишан збор, потоа следи контекст од најмалку една реченица. Потоа е извадок од дело во кое е искористен зборот, заедно со авторот на делото и во која година е објавено истото.
Процесот на дигитализација на материјалите траел една година и во него работеле дваесетина луѓе. Предизвикот во проектот биле фазите добро да се распоредат, но и следствено да бидат набавени материјалите и ресурсите потребни за нивна обработка. Односно, да се усогласат човечките капацитети и динамиката да тече на такво ниво што следната фаза нема да има прекин поради недостатоци на претходната фаза. Со дигиталните копии зачуван е целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик. Со оваа дигитализација се остава можност на идните генерации побрзо и поефикасно да стигнат до литературните ракописи на македонските автори.
Дел од информациите се користени од Види вака.












