По повод Светскиот ден на поезијата, во НУБ „Св. Климент Охридски“, во организација на: НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот ПЕН Центар, Друштвото на писателите на Македонија и НУБ „Св. Климент Охридски“ се одржа настан на кој свои обраќања имаа претставници на овие институции. На настанот зворуваа: Христо Петрески, Претседател на ДПМ, а потоа од име на ДПМ, Кристина Николовска, Претседателка на Собранието, која испрати порака по повод овој ден .
По повод Светскиот ден на позезијата беше доделена и наградата „Златен венец“ на фестивалот Струшки вечери на поезијата која отиде во рацете на македонскиот поет и писател Влада Урошевиќ. Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“, , е добитник на „Мостови на Струга“ – меѓународна награда што ја доделува Фестивалот, заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот.
Во исто време имаше свечено прогласување на лауреатите на струшките вечери на поезијата во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамките на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Претседателката на Управниот одбор Елизабета Шелева која го соопшти добитникот на „Златен Венец“, рече дека името на Влада Урошевиќ е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото.
Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Христо Петрески во своето обраќање потсети дека ДПМ е најстарата и најрепрезентативната асоцијација на писатели во земјава. Тој потенцираше дека првиот претседател на Друштвото е Блаже Конески, а вториот претседател е токму Ацо Шопов.
„ДПМ е формирана уште во далечната 1947 година, значи цели 76 години. Друштвото на писателите на Македонија е основач на Струшките вечери на поезијата. Ова не треба никогаш да се заборави. Сите членови на Македонскиот ПЕН Центар се истовремено и членови на ДПМ. Вториот претседател на ДПМ е токму Ацо Шопов. Ние денес имаме ретка и значајна можност истовремено да се потсетиме на овие датуми, на овие личности, но и убаво совпаѓање е што денеска ќе му одадеме почит и на Ацо Шопов“, додаде Петрески.
По прогласувањето на лауреатите на Струшките вечери на поезијата, беа прочитани поетски посланија по повод Светскиот ден на поезијата од претставници на Македонскиот ПЕН центар и Друштвото на писатели на Македонија, а потоа се одржа и поетско читање од истакнати поети-членови на Македонскиот ПЕН Центар и на Друштвото на писатели на Македонија.
Во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, кој се одбележува во текот на целата 2023 година, како Година на Ацо Шопов, учесниците на настанот прочитаа песни од него.












