Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, УКЛО, со својата најнова иницијатива го обедини трудот на вработените од Ректоратот и студентите, создавајќи простор за растење и развој. Со оваа акција, која е осмислена како комбинација на практична работа и силна симболика, УКЛО се приклучува на глобалните прослави на 8 Март, потсетувајќи на важноста на жените и нивниот придонес во сите сфери на животот.
Со шега, ведрина, малку мускули и малку повеќе прашина, функционерите на Универзитетот Св. Климент Охридски денеска го расчистија просторот што во иднина ќе фукционира како Студетнски информативен центар и просторот непосредно пред влезот.
Акцијата ја насловија „Еманципација преку акција“.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, ја истакна важноста на оваа акција, поврзувајќи ја со женската инспирација и силата која доаѓа од заедничкиот труд. Истовремено информираше и дека акцијата е составен дел на подготовката на Студентскиот информативен центар ( СИЦ) што Универзитетот го реконструира во изминатата скоро една година и дека многу скоро ќе започне со работа.

Вработените од Ректоратот и студентите на УКЛО здружено работеа не само за облагородување на посторот, туку и како конкретен симбол на напредок, еднакви можности и права за жените во академската и професионалната средина. Сите рамноправно учествуваа во оваа акција, секој со својата сила на мускулите, а жените добија и посебна благодарност од ректорот – црвена роза со благодарница за нивниот вложен интелектуален труд.

Акцијата ги обединува членовите на универзитетската заедница, создавајќи атмосфера на соработка и меѓусебна поддршка. Кога ќе се заврши, просторот ќе биде не само уреден, туку и место за сеќавање на постигнувањата на жените, со особено внимание на нивниот придонес во сите области, особено во образованието и науката.
За настанот повеќе во врската кон YouTube.












