Центарот за едукација и обука на АД ЕСМ во соработка со Бизнис Академијата Смилевски организира обуки за дел од вработените во РЕК Битола насловени “Како да подготвите успешен стратегиски план” и “Од стратегиско кон оперативно планирање”, соопштија од ЕСМ.

Обучувачите, проф. д-р Лидија Стефановска и проф. д-р Тони Соклевски, ги пренесоа на присутните последните трендови во областа на стратегиското и оперативното планирање, а потоа низ практични вежби ги усовршуваа алатките за остварување на зацртаните стратегиски цели.

На обуката присуствуваше и заменик генералниот директор на АД ЕСМ, Имер Зенку, кој потсети дека Центарот за едукација и обука во рамките на компанијата е формиран со цел континуирана едукација и надградба на вработените, а соработката со реномираната високообразовна институција БАС е вистински потег во вистинско време.

Обуките и едукацијата се од исклучително значење бидејќи компанијата се наоѓа на почеток на спроведување на енергетската трансформација, која побарува преструктурирање и консолидирање на човечките ресурси и потребните вештини.












