По скоро две децении, денеска во рударско енергетскиот комбинат „ Битола“, вработените добија топол оброк. Денеска објектот од Подружница РЕК Битола, беше превземен од страна на ЕСМ Молика на понатамошно управување.


„Идејата за враќање на топлиот оброк беше често споменувана претходно. Ние иако се соочивме со бројни предизвици успевме да го вратиме топлиот оброк во РЕК.“ – велат од ПР тимот на РЕК Битола, додавајќи…


„Враќањето на топлиот оброк е од клучно значење за нашите вработени, кои се наш приоритет и движечка сила. Оваа мерка ќе придонесе за подобро здравје, поголема мотивација и зголемена продуктивност. Калоричната вредност на оброкот е по препорака на нутриционист, подготвен да ги задоволи потребите на работници во рудници и работници кои работат на тешки работни места. Храната на дневна основа, преку земени мостри се испитува од стручно лице за контрола и квалитет.“

Од 2007/2008 година, кујната и ресторанот не се во употреба, а сега се целосно модернизирани и функционални според највисоки стандарди. Во процесот на реализација, новото раководство на ЕСМ Молика ДООЕЛ затекна опрема вредна 600,000 евра.


Со реализација на низа подготвителни активности, опремата успешно се стави во функција. Реконструирани се и тоалетите, а на влезот се поставени десетина мијалници. Денеска дел од раководствата на „Молика“, РЕК и МЕПСО со претставници на неколку јавни и комунални претпријатија ја дадоа оценката на приготвениот ручек. Ручаа заедно со дел од дежурната екипа на Термото.







Пробниот период на опремата успешно заврши и ги добивме сите потребни дозволи од надлежните институции. Дневно ќе се подготвуваат од 1,640 до 1,670 топли оброци. Целиот процес ќе се одвива во фази и бројот на топли оброци ќе се зголемува, после постепено достигнувањето на максималниот кадровски и производствен капацитет на новата опрема. – изјави за медиумите денеска Горан Исков, директор на ЕСМ „Молика“.

Вкупната инвестиција за реконструкција и модернизација на кујната и ресторанот изнесува околу 60 милиони денари и претставува прва фаза од поголем проект. АД ЕСМ планира ваква реконструкција и на кујната и ресторанот лоцирани во производствената единица „Рудници“, при РЕК Битола.











