Наградата „Кромид“ за најдобар документарен филм на 15. „Македокс“ ја доби филмот „Агент на среќата“ на Доротја Зурбо од Унгарија и Арун Бхатараи од Бутан. Фестивалските награди беа врачени синоќа на затворањето на фестивалот. Со македонската премиера на филмот „Патување пеш“ (The Walk) заврши јубилејното издание на фестивалот. По проекцијата следуваше концерт на пијанистот Дуке Бојаџиев со неговиот ансамбл, којшто ја создаде музиката за филмот.

Комисијата за наградата „Кромид“ за најдобар долгометражен документарен филм беше во состав Кјара Либерти, Надја Тенштет и Владан Петковиќ. Посебно признание во оваа категорија доби филмот „Молкот на разумот“ на филмската авторка Кумјана Новакова. За наградата „Млад кромид“ од селекцијата „Нови автори“, за која одлучуваше комисијата во состав Маел Генег, Игор Анѓелков и Ваутер Јансен, ја доби „Баломанија“ на Сисел Морел Даргис.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарен филм беше во состав Инеке Смитс, Иева Убеле и Мартина Дроанди, а наградата ја доби францускиот документарец „Диви“ на Леонор Мерсиер со образложение: „Овој филм прекрасно ја доловува суровоста на традицијата преку гледиштата и стравот на засегнатите. Приказната се развива чекор по чекор, преку добро изработени кинематографски средства, и по слика и по звук.“ За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм одлучуваше комисијата во состав Јустина Грачнер Ботоњиќ, Ива Росандиќ и Јована Ѓорѓиовска. Наградата ја доби „Алое, фикус, авокадо и шест драцени“ на Марта Смеречинска.

Одлуката за Наградата за филм со најдобри етички идеи на 15. „Македокс“ ја донесе комисијата во состав Себастијан Кајзер, Драгомир Зупанц и Искра Гешоска. Во рамките на индустрискиот сегмент МакеКоПроДокс форум на 15. „МакеДокс“ награди добија пет проекти во развој. Проектот „Where I end and You begin“ ја доби наградата на „ДоксБарселона“, „Colors in my eye“ доби награда од „ДОК.фест Минхен“, „Breath under the sun“ освои награда од ФИПАДОЦ, проектот „Florence“ доби награда од Документарната асоцијација на Европа (ДАЕ), а „Moving Sisters“ доби награда од „Dysflims“. Насловите на проектите се на англиски јазик бидејќи тоа беше работен јазик на МакеКоПроДокс форумот.

Јубилејното 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ со мото „Копање емоции низ времето“ се одржа од 15 до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. На фестивалот беа прикажани 92 документарни остварувања и присуствуваа над 100 гости – филмски автори, продуценти, студенти и професионалци од светот на документарниот филм.












