Повеќе од 30 илјади лица од државата ќе добиваат придонеси – пензиско и здравствено осигурување, а пензионери, студенти, па дури и средношколци ќе може да работат без да го изгубат своето претходно право. Државата во системот на работно ангажирање ќе ги стави сите кои сега работат на црно.
73 пратеника го овозможија ова со гласање за измените на Законот за регулирање на работното ангажирање изгласани на последната седница на Собранието – закон предложен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Работно ангажирано лице согласно овој закон, може да биде: – лице кое не е во работен однос; – вработено лице; – самовработено лице; -лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос; – студент; – корисник на семејна и старосна пензија и, странец кој има регулиран престој согласно закон. Исклучок се прави на лица кои не се способни за работа и самостоен живот.
Со законот се забранува работно ангажирање на лица помлади од 18 години за чување деца и стари лица ( наведени во член ( 5 став 2 точка в). Може да се ангажираат лица во дејностите Земјоделство, шумарство,рибарство ( А/А) , за работа во Објекти за сместување и сервисни дејности за храна ( И/З) и за Дејности на домаќинството како работодавач ( Т/П).
Сите предвидени категории треба да се пријават во Агенцијата за вработување по скратена постапка, и заедно со својот работодавач да информираат како се договориле – кое ангажирање, за колку пари. Берење зрнести плодови, јаболка или др овошје, наводнуање на градина, берење тутун; шанкер/бармен, мијач на садови, келнер, собар; чување деца и стари лица, чистење – се се ова работи кои, предлагачите процениле, низ државата ги извршуваат 30.000 лица кои досега никаде не се евидентирани.
Законот предвидува и заштита од злоупотреба на работната сила. Па така, за сезонска работа или работа од повремена природа најмногу може да се работи 120 дена во текот на календарската година од денот на пријавата, во угостителството може најмногу 60 дена без разлика дали се работи со прекин или без прекин,работодавачот може да ангажира најмногу до 10 лица или 10% од вкупно вработените, работникот може да има договор со повеќе работодавачи, но вкуониот ангажман да не е поголем од 12 часа во 24 часа, и, работодавачите може да ги ангажираат според овој закон само доколку во претходната година не бил дел од вработените.
Работното ангажирање во поедноставена постапка ќе се врши со пријава на лицето преку регистарот за евиденција на работно ангажирање на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, додека наплатата на даноците и придонесите ќе се врши преку надградба на системот за наплата на даноците и придонесите на Управата за јавни приходи. Развојот, надградбата и соодветното прилагодувањето информациските системи на Агенцијата за вработување и Управата за јавни приходи ќе се реалиизра со донаторска поддршка
Промената води до намалување на работата на црно, а со тоа и злоупотребата на работната сила на категоријата граѓани од понискиот слој, затоа што ќе се воспостави систем во досега нерегулирана област. Измената е во рамките на стратегијата на државата за формализација на неформалните економски активности.












