ТЕРА

REKLAMA???

„ЗА“ И „ПРОТИВ“ ЧЛЕНОТ 102

Проневера на пари, поткупување, бакшиш-провизија, непотизам, посредување, мито, изнуда, протекции, се дел зборови кои ја прават, односно ја објаснуваат корупцијата.

Таа претставува сериозен предизвик за секој дел од општеството, како да се бориме, односно избориме против неа, прво заради нас, за да живееме во квалитетно и праведно општество, а потоа и заради друштвото, односно семејството кон кое сакаме да се приклучиме.

Во сите бриселски извештаи за нашиот напредок или ненапредок на патот кон членство во Европската унија, нотирана е како проблем. Од една страна сме пофалени дека законска регулатива и механизми за борба против неа имаме, но како и во други делови, ни недостасува практичната примена.

Пред повеќе години, кога имаше бројни забелешки дека многу пари државата троши кон медиумите, односно дека на тој начин Вадата си обезбедува терен во тој простор, со цел да стигнат пораките до јавноста, ни се случи членот 102.

Со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на крајот на 2018 години, се воведе забрана за рекламирање. На 31 декември истата година измените излегоа и во Службен весник и со тоа, се доби битката против, како што се нерекуваше клиентелизмот во медиумите.

Член 102

Забрана за рекламирање

 „Државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост не смеат да предвидуваат средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери.”

За дел од познавачите на приликите проблематично е, и беше тоа што оваа забрана за државните органи и сите други наведени во членот 102, се најде во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде тој закон ги регулира медиумите, односно радиодифузерите, а не наведените институции, сепак за медиумскиот еснаф, здруженијата, организациите, па и за политички партии беше една добиена битка, со надеж дека праксата од минатото нема да се повтори и ќе се стави крај, на како што често милуваат да кажат „богатењето на газдите на медиумите“.

И толку, медимите се прилагодуваа на тогаш новото време, за голем дел од нив ова значеше опасност за нивното опстојување, односно функционирање. Маркетиншкиот колач се дели меѓу големите медиуми, а оние од внатрешноста и локалните и регионалните се соочија со поголеми проблеми во делот на обезбедување финансиска стабилност.

Во земјава единствено субвенции од државата добиваат печатените медиуми, веќе неколку години наназад.

Во меѓувреме сведоци сме на голем број интернет портали, фан страници на социјалните мрежи, креирани и создадени од новинари и медиумски работници кои сметаа дека полесно е да се биде дел од тој медиумски простор, отколку онаму до каде што биле вчера.

Се уште интернет просторот останува слободен, нема регулација, онаква каква што е за радиодифузерите ( телевизиите и радијата).  Имаше и предупредувања од страна на новинарите и медиумите работници, за лошата финансиска состојба во која што се борат за егзистенција и дека дел од медиумите ќе згаснат, токму заради воведвањето на членот 102.

Бројот на интерет портали речиси секојдневно се зголемува. За таму немаше никаква забрана во делот на реализација на медиумска кампања, но властите заради коректност зазедоа став дека траба да се следи таа пракса во забраната, односно членот 102 да биде општо прифатен за секој вид на медиум.

Често се споменува проблемот дека за одредени електронски медиуми, не важат ниту етичкиот кодекс, ниту професионалните стандарди, со чест на исклучоците.

За пофалба беше чекорот на Советот за етика во медиумите, за правење регистар на професилни интернет портали, со што беше упатена пораката да се користи при изборот каде фирмите да се рекламираат, но сведоци сме на наплив од нови содржина на интернет просторот, каде продолжува праксата надвор од правилата за етичко и професионално однесување, со голем рекламен простор за продавање.

Пандемијата со Ковид 19 уште повеќе ја комплицираше економската состојба во традиционалните медиуми, но заради јавниот интерес отстапуваа голем дел од медиумскиот простор за информирање на јавноста, иако тие се финансираат од економскиот маркетинг и не беа себични, туку покажаа дека се одговорни кон големиот проблем и предизвикот во битката со Ковид 19.

Кога владата имаше намера да прави медиумски кампањи за вакцинацијата против Коид 19, не доби зелено светло од дел од медиумските здруженија, кои сметаа дека евентуалното укинување на членов 102 ќе не врати во едно минатото време, од кое како што велеа, повторно ќе требаат години и години за да се излезе.

Беа посочувани европски примери каде владите имаат право да спроведуваат и за таа услуга да платата во телевизиите, медиумски кампањи, кај нас пак се зборува често за Фонд за медиуми, каде ќе има средства за помош на медиумите, преку проекти од јавен интерес и средства за истражувачко новинарство.

Други пак се на став дека членот треба да се укине, но да се дефинираат критериуми за што и колку ќе смее владата, државните институции, едициниците на локалната самоуправа, да користата медиумски простор, односно да платата за тоа.

На можноста за укинување на овој член, а за што и власта и опозицјата немаат спротивставени ставови,  се спротивставија новинарските здруженија.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) упатија писмо со реакција до Претседателот на Република Северна Македонија, до Претседателот и претставниците на Владата на С. Македонија, Претседателот на Собранието на С. Македонија и координаторите на политичките партии.

Во писмото ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ реагираат на најавите за укинување на забраната за рекламирање со јавни средства во приватни медиуми преку менување на членот 102 од Законот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и укажуваат на штетните последици.

„Еснафските новинарски и медиумски организации укажуваат дека оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на јавните установи во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување. Дополнително, ова може сериозно да го наруши медиумскиот пазар кој и така е под влијание преку јавни средства кои се предвидуваат во Изборниот закон преку платената политичка програма (ППР). Освен штетата кон независноста на медиумите а со тоа и штетата на правото на информирање на граѓаните, оваа пракса на враќање на платените владини кампањи, може да го манипулира јавниот интерес преку кампањи кои би се промовирале како јавни, а во основа имаат политичко партиски цели за промоција на одредени партиски субјекти и нивните политики во приватните медиуми“ се вели во нивната реакција.

Локалните и регионалните медиуми се важни за локалната заедница, таму граѓаните ги добиваат информациите, оттука се смета дека уште поголем треба да биде фокусот кон нив, а нив ги има за жал се помалку.

Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Стево Баушуровски ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој новинарски текст му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.