ТЕРА

REKLAMA???

ЗА ПЕНДАРОВСКИ ПРЕДЛОГОТ ВО ОВОЈ ФОРМАТ Е ПРИФАТЛИВ И Е ТРАНЗИЦИСКИ КОМПРОМИС

Денеска во Кабинетот на претседателот се одржа 16-та седница на Советот за безбедност, на чиј дневен ред беше модифицираниот предлог на француското претседателство со ЕУ за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.

„Ставовите на членовите на Советот за безбедност, по функција, за документот ги знаете, или ќе ги дознаете денеска-утре во однос на евентуални заклучоци и јавна комуникација на тие заклучоци од Владата, а тројцата членови на Советот кои не се политичари само од нивен аспект го анализираа текстот и понудија свое експертско видување“ рече Пендаровски.

На прес конференцијата тој го соопшти неговиот став.

„Мојот став е дека со одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог би носеле само одлука да ги отвориме преговорите, а знаете дека тие траат со години. Времето на кратки преговори заврши во минатиот век кога беше можна синхронизација, како ја нарекуваат, на националната легислатива со ЕУ акито за година или две. Досега Србија преговара 9 години, Црна Гора-10 само како последни илустрации на регионот.

Одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, како што би сакале да кажат од едниот камп, ниту историски неуспех или дебакл како што велат оние од другиот камп.

Според мене, станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која 3 елементи се битни и затоа предлогот, според мене, во овој формат, во оваа фаза е прифатлив.

Прво, со предлогот ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и дозволува предлогот, дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Второ, овозможува скрининг процес што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите, порано поглавјата, и трето, што е апсолутно најважно, не само за мене, за секој од нас, ама баш со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, затоа што за клучната, темелната одредница на тој идентитет, за македонскиот јазик, во предлогот има чиста формулација, без фусноти.

Зошто го нарекувам транзиционен компромис? Затоа што го решава актуелниов проблем, актуелнава блокада, но, во себе има предвидено де факто нова блокада, која овој пат, може да биде и најверојатно ќе биде наша, домашна. Знаејќи ја внатрешната политичка констелација потребниот праг за уставни промени од две третини во овој моменти изгледа сосема недостижен. Во тој услов е содржан и најголемиот парадокс на предлогот – имено, никој, во принцип, тука дома кај нас, нема против влезот на Бугарите во Уставот, но, внатрешната поларизација го оневозможува консензусот по тоа прашање.

Овој услов, според мене е и најголемата слабост на предлогот, иако уставните измени ќе дојдат на дневен ред по скринингот, или според некои експертски проценки, дури на почетокот на 2024 година“ рече Пендаровски.

На седницата на Советот на безбедност, чиј член по функција е и премиерот Димитар Ковачевски, шефот на државата побарал Владата, доколку го прифати предлогот, да донесе и заклучоци дека ако се појават дополните барања, ќе се откажеме од идејата за членство во ЕУ.

„Откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, очекувам заклучоци на Влада кои во случај да го прифатат овој предлог, би морало да има реченица плус дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, ако има дополнителни обиди од бугарска или која било страна повторно да се споменуваат прашањата за македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој да не блокира, туку сами треба да излеземе“, кажа Пендаровски и рече дека идејата е начелно прифатена.