Матурантите и сите заинтересирани своето високо образование да го стекнат на еден од факултетските единици на универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола утре го продолжуваат процесот на аплицирање на конкурсот што универзитетот го објави пред месец и половина. Уписите на УКЛО започнуваат со промоција на значајни научни резултати – одобрени научни проекти од Министерството за образование и наука, за што денеска во ректоратот имаше прес конференција.
Но, најпрвин за уписите. Од утре до 27 август може да се поднесуваат документите посочени во секој од факултетите и во посебната „iKnow“ адреса што заинтересираните ја добија при своето електронско регистрирање. Ректорот има апел, да се искористи првиот уписен рок. Причина за тоа – универзитетот има 12 % повеќе упис на бруцоши лани од сите други години и 14 % повеќе за вториот циклус. Студентите се дел од 120 000 колеги од 9 европски градови односно универзитети споени во Алијанската КОЛОРС.

Сепак денешната прес конференција беше посветена на фактот дека пет факултети и две од придружните членки, научнп-истражувачки институти од Министерството за образование и наука добија финансии за спроведување на своите научно-истражувачки активности. Скоро сите се со примена на вештачката интелигенција и во насока кон олеснување на животот во заедницата.
Со ова УКЛО се етаблира како втор универзитет во државата по бројот на одобрени проекти, после УКИМ кој е де факто најголем, но пред други реномираниа институции како на пример МАНУ.

Одобрените проекти покриваат клучни области и се однесуваат на истражувања што имаат директен придонес и кон зелената и дигиталната транзиција на општеството.

Главните истражувачи, академски кадри од УКЛО и проекти што добија поддршка се: Весна Антоска Knights – „Математички модели во машинско учење за паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност“ од Технолошко-техничкиот факултет – Велес, Билјана Јорданоска Шишкоска – „Информативен систем за агрохемиски својства и загаденост на земјоделските почви“, Научен институт за тутун – Прилеп, Гордана Димитровска – „Паметна платформа за мониторинг на крави и производство на функционален млечен производ“ (COW-TECH), Факултет за биотехнички науки – Битола, Ангелина Станојоска – „Употреба на дигитални платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина“, Правен факултет – Кичево и Цветко Андреески – „Примена на предвидувачка аналитика и вештачка интелигенција за унапредување на туризмот во Северна Македонија“ од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Деканите на факултетите кои денеска присуствуваа на прес конференцијата во придружба на главните истражувачи чии проекти всушнот се избрани изразија голема благодарност кон донесувачите на одлуки.
Состојбата со научно-истражувачката дејност во нашата држава е особено загрижувачка во однос на научно-истражувачката поддршка од буџетски средства, научно-истражувачката инфраструктура, како и во однос на кадровските ресурси посветени на науката и истражувањето. Мрежата на јавни и приватни научни установи ја сочинуваат 6 државни универзитети, 9 јавни научни установи, 11 приватни универзитети, 7 високи стручни школи, 3 странски високообразовни установи, 26 приватни научни установи и 6 самостојни истражувачи.
Проектите кои УКЛО ќе ги реализира во времетраење од една или две години се проекти во кои се зајакнува не само научниот капацитети на нашата академјиа, туку и на студентите – докторандите, магистрантите и студентите – некои можеби и од почетокот на своето студирање.











