Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на својата 6-та седница, донесе Одлука за избор на Работна група за етички кодекс, составена од пратеници и претставници од Службата на Собранието на Македонија.

Потоа, Работната група, со поддршка на експерти од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и претставници на Националниот демократски институт (НДИ), одржа Работилница за парламентарен интегритет и етички кодекс.

Претседателот на Собранието Африм Гаши се обрати на отворањето на Работилницата, нагласувајќи дека кодексот за етичко однесување, особено за пратениците, треба да биде принципиелна сила што ги води и насочува сите други институции.

Претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Миле Лефков, рече дека политичката култура се гради на ваков начин – преку постојана дискусија и дијалог.












