Судијката Жаклина Доведен ќе го води Апелациониот суд во Битола. Денеска судскиот совет на дневен ред имаше избор на неколку претседатели на судови и судии во основите судови низ државата. Избрани се и четворица нови судии за Основниот суд во Битола.
Со едногласна поддршка на членовите на Судскиот совет на Македонија десет месеци по објавениот конкурс избран е првиот човек на битолска Апелација – судијката Жаклина Доведен.
Изборот на претседател започна со три кандидати, но во текот на процедурата, како што денеска информираше претседаелот на комисијата формирана од судскиот совет за спроведување на изборот, имало отфрлање на една кандидатура заради нецелосна документација, а останатите две кандидатки – Жаклина Доведен и Анита Милошевска го продолжиле процесот кој вклучил тестирање за работа со компјутери, психолошко тестирање, тестирање за интегритет, а комисијата направила и вонредно оценување на двете кандидатки и двете добиле приближно исти бодови – Доведен 195, а Милошевска 200 бода. Сепак за изборот на Доведен кај членовите на Судски Совет чијашто законска обврска е да го образложат својот избор, пресудна била 9 годишното административно искуство на судијката Доведен во основниот суд во Струга и фактот што во изминатиот период, од пензионирањето на судијата Петар Србиновски, кој раководеше со битолска апелација, токму Доведен беше вршител на должноста претседател на судот. Судијката Доведен студиите на правниот факултет ги завршила во 1990 година, до 1998 година волонтирала во Основниот суд во Струга, кога била избрана за стручен соработник и од 2002 година до 2011 била и судски администратор во истиот суд. Кон крајот на 2011 година била избрана за судија во Основен суд Битола, а од 2013 година е избрана за судија на Апелациониот суд во Битола и е судија со искуство во граѓанската материја.
Судски совет денеска избра и четворица нови судии за Основниот суд во Битола. Според информацијата што неформално ја дознавме , за нови судии членовите на судскиот совет ги избраа Александа Средовска-Лозановски, Стефан Гајдаровски, Марија Филиповска Поповска и Гордана Николовска .
По законските рокови за приговори, Судскиот совет за сите треба да организира заклетва.












