Општина Битола објави известување за пријавување штети на земјоделски насади настанати поради ниските температури и голомразицата што изминатите неколку дена го зафати регионот. Министерот Трипуновски денеска од Ресен ги охрабри земјоделците да побараат отштета.
Општина Битола денеска објави известување до жителите на општина Битола за достава на барања за надомест на штета. „Поради снегот и ниските температури кои ја зафатија Општина Битола во периодот од 05.04.2025 до 08.04.2025 година и предизвикаа штети кај овошките и другите земјоделски култури, се повикуваат жителите на Општина Битола кои претрпеле штета да поднесат барање за надомест на штета на шалтерите во Општина Битола. Во прилог на барањето потребно е да се достави:
-имотен лист/доказ за сопственост -фотографии од претрпената штета
– копија од лична карта
-број на трансакциска сметка
Врз основа на доставените барања, комисија од Општина Битола, ќе врши проценка на штетите на терен.
Барањата можат да се доставуваат од понеделник 14.04.2025 до среда 23.04.2025 од 09.00 до 15.00 часот.
Денеска на работна посета во Ресен и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски ги охрабри земјоделците да ги пријават штетите.

Тој информираше дека на итна седнива на Советот на Општина Ресен ќе се донесе одлука за прогласување на природна непогода, ќе се формира комисија за процена на штета и од понеделник ќе се објави Јавниот повик на кој што сите земјоделци треба да пријават ако имаат настанати штети од ниските температури во изминативе денови, појасни министерот.

Министерот Трипуновски ги повика сите земјоделци да ги пријават настанатите штети од ниските температури. Општинските комисии навремено да ги сработат сите барања и процени кои што се направени на терен, а министерството односно владата ќе излезе во пресрет и ќе ги обештети сите земјоделци кои претрпеа штета од овие ниски температури.













