Излезноста во Битола на овие локални избори не надмина 50 проценти од гласачкото тело. Слична слика има и на национално ниво, што укажува на пад на излезноста низ изборните циклуси.
Имено, според податоците на ДИК во првиот круг од локалните избори вчера во Битола гласале 45,76 проценти од запишаните избирачи, односно од вкупно 77,253 избирачи своето право на глас го оствариле 34.831 гласач. Над 50 % од избирачите во Битола одлучиле да не излезат на избори.

Сличен е трендот и на национално ниво. Вчера во првиот круг на локалните избори гласале 46,48 проценти (според податоците од ДИК заклучно со 18 часот и 30 минути). Над 50 проценти не им ја дале својата доверба на ниту една партија.

Дека на овие избори излезноста на гласачите опаднала покажуваат податоците од парламентарните избори во 2024 година, кога одзивот надминал 50 проценти и на локално и на национално ниво.

Така на овие избори на национално ниво одзивот бил 55.34 проценти, додека одизвот во петтата изборна единица каде припаѓа и Битола бил 52.76 проценти.

Уште поголем одзив во Битола е забележан на претседателските избори во 2024 година. Односно на национално ниво во прв круг гласале 49.93 проценти, додека одзивот во Битола бил дури 57.56 проценти. Во вториот круг на национално гласале 47.46 проценти, додека одзивот во вториот круг во Битола пораснал уште повеќе и достигнал 61.68 проценти излезност.

Ако оваа излезност од над 61 процент се спореди со вчерашната излезност во Битола од околу 46 проценти евидентен е пад на излезноста од 15 проценти.
Најмала излезност имаше на референдумот во 2018 година кога одзивот на национално ниво беше 36.86 проценти. Во Битола излезноста била уште помала, односно 33.73 проценти.

Падот на излезноста и на национално и на локално ниво покажува дека и неизлегувањето на избори е порака до политичките партии, кои ќе мораат да вложуваат поголем напор за да ги анимираат гласачите.












