Иницијативата „Глас за градот – локални избори 2025“ на ТЕРА продолжува. вчера од 15.00 часот до 17.00часот се наоѓаше на неколку места во населбата јенимаале. дел од прашањата и реакциите на граѓаните, како и досега, ги пренесуваме во целост, дел ќе бидат преточени во информативни телевизиски прилози.
Возилото од иницијативата „Глас за градот – избори 2025 година“ на ТЕРА вчера беше во населбата Јенимаале. Уредена и чиста, со канти за рециклирање, кои не ги снимивме заради почитување на приватноста на домот.
Еден од жителите на оваа населба имаше сугестии за локалната самоуправа и новиот градоначалник. Сугерира „Да се најде решение за паркираните автомобили по улиците“.
Особено за влезот во старата битолска чаршија од кај Асан слаткарот. Паркирани автомобили не овозможуваат сообраќајот да се одвива нормално. Ниту автомобили, ниту пешаци, особено не мајки со бебешки колички неможе да се движат нормално , без застој или нервоза.
Улицата покрај реката е тесна и дел е пешачка зона. Но збунува делот кој е дозволен за сообраќај на автомобили.
Надолу, долж реката Драгор од каде и се влегува во населбата има улица којашто укажува дека побрзо треба да биде дел од програмата на локалната самоуправа за санација. во овој дел има еднонасочен режим на сообраќај за автомобили, но нема простор за движење на пешаци. нема простор ниту за паркирање на возила, но тие се тука. од двете страни.
Од градоначалникот очекува „Да обрне внимание на фирмите задолжени за одржување на чистотата во градот (општо).“ Во фокусот на нашиот сограѓанин се мов, тревички и цвеќенца кои растат на тротоарите во градот.
Денеска екипите на ЈКП „Комуналец“ како и секој ден од раните утрински часови минуваа низ градот. Есен е и лисја има на секој чекор. И несовесни граѓани кои фрлаат мало ѓубренце има на секој чекор. Но, состојбата на улиците низ градот, оној делот меѓу коловозот и тротоарот укажува дека Битола е изграден на плодна почва.
А од висината на цвеќенцата и густината на тревичката се согледува и квалитетот на работата на локалната самоуправа , исто како што од состојбата на тротоарите се согледува економската моќ на градовите.
Жителот од Јенимаале продолжи „Обавезно обележување на вертикалната и хоризонталната сигнализација на сите нови и стари улици“ и во разговорот додаде низ шега „градоначалникот за ова да купува од поскапата боја“ иако констатира дека низ градот забележливо е дека претпријатието задолжено за тоа во изминатиот период нацртале пешачки премини низ градот и таму кадешто никогаш немало. Последното очекување е: „Кружните текови да се правата по стандард, не со кратење на материјали.“