Рано утрово, серија гласни експлозии се слушнаа во областите на Ерусалим и Тел Авив, пренесуваат медиумите. Израелската армија претходно предупреди за нови ракетни напади што доаѓаат од Иран, што предизвика тревога во многу делови од Израел, пишува МИА.
Главната цел на утринскиот ирански напад врз Израел беше седиштето на Командата и разузнавачката служба на Израелските одбранбени сили, како и разузнавачкиот камп на армијата во технолошкиот парк Гав-Јам, кој се наоѓа веднаш до болницата, објавија иранските медиуми.
Во овие центри се распоредени илјадници израелски воени сили, како и системи за дигитална команда и сајбер операции, наведува иранскат агенција Тасним.
Израел утрово нападна област во близина на нуклеарниот реактор со тешка вода Хондаб во централен Иран, кој е дел од нуклеарната програма на Иран, објавија иранските медиуми.
Американскиот претседател Доналд Трамп одобрил планови за напад врз Иран, но чека да види дали Иран ќе се откаже од својата нуклеарна програма пред да даде каква било наредба за напад, објави „Волстрит џурнал“.
Трамп вчера ги информирал своите високи помошници дека ги одобрил плановите, се вели во извештајот на весникот кој цитира „луѓе запознати со разговорите“.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, претходно рече дека неговата земја нема да се предаде и предупреди дека секоја воена интервенција на САД ќе донесе непоправливи последици.












