На денешната седница на Совет советничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе иницијатива за донесување на одлука паркинзи за велосипеди при изградба на сите нови станбени, деловни и јавни објекти.

„Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денес поднесува иницијатива за сите оние нови објекти коишто се градат, дали се станбени и деловни објекти, на територија на Општина Битола, во рамките на нивните градежни парцели да имаат предвидено паркинг за велосипеди. Односно при проектирањето и изградбата на тие станбени и деловни објекти да има предвидено паркинг за велосипеди со цел да се поттикне користењето на велосипедот како превозно средство во градот“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Ова иницијатива доби поддршка и од СДСМ и од Поинаку.
„Се што е добро за битолчани ние ќе го поддржиме како конструктивна опозиција“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ

„Сметам дека е добра иницијатива, бидејќи редно време е да се даде внимание на тој начин на којшто треба да почнат да се движат битолчани. Видовте за субвенциите, дека битолчани сакаат да користат велосипеди. Исто така на претходната седница донесовме и една одлука отстранување на бесправни објекти на зелени јавни површини. Мислам дека само тој е начинот за изградба на велосипедски патеки и на пешачки зони коишто ќе ги користат и граѓаните на Општина Битола“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

На денешната седница на Совет иницијатива поднесоа и советниците од Левица
„Ослободување на децата од плаќање на партиципација во градинките. Првично на координација не беше прифатена од страна на претседателката на Совет, но денес како дополнителна точка ќе ја спроведиме на Совет и мислам дека од сите политички партии ќе имаме позитивен исход“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
Пред битолските советници се најде и Решението за формирање на координативно тело за изработка на Генерален урбанистички план на град Битола.
„ Во координативното тело ќе има повеќе членови, ќе има претставници на советничките групи, ќе има претставници од администрација, ќе има претставници кои се занимаваат со таа област, ќе има претставници мислам и од невладиниот сектор, така што мислам и се надевам дека ова ќе помини едногласно на денешната седница на Совет“, рече Илиевска.

„Ова е од големо значење за целиот град и ќе отпочне постапката и ќе се направи првиот чекор за долго очекуваниот ГУП, иако сите ние разбираме дека тоа е долготраен процес и дека ретко кој во еден мандат може да стигни до целосно изработување на ГУП, меѓутоа онака како што одат подготовките јас искрено се надевам дека за 36 месеци ќе добиеме нов ГУП“, рече Анастасија Трајковска, советник од ДОМ.
Денеска битолските советници расправаа и за завршните сметки на основните и средните училишта во градот.












