Излегуваат по потреба и бараат „подебела“ сенка за да се разладат. Вака дел од битолчани се справуваат со жештините кои деновиве го зафатија градот под Пелистер, па и целата држава. Метео алармот е вклучен, државата е во портокалова фаза. Максималните температури се движат од 34 до 40 степени. Во Битола денеска до 37.
„Кога е најжешко седиме дома не излегуваме, пиеме повеќе течности и конзумираме повеќе овошје и зеленчук“, вели битолчанка.
„Од сабајле ги завршуваме обврските, од 11 до 17 часот сме дома. Ги почитуваме препораките од лекарите, излегуваме по потреба“, вели битолчанец.

Мерките кои ги донесе владата на предлог на министерството за здравство поради високите температури важат до утре 27 јули. Во нив се препорачува да не се излегува во најтоплиот период од денот и да се ослободат од работни обврски бремените жени и лицата над 60 години, а хронично болните се иземени од ваквата мерка.
Информацијата од УХМР е дека утре попладне и во четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и услови за изолирана појава на град. Потоа во следните денови ќе преовладува сончево време, но во попладневните часови со изолирана појава на нестабилна облачност, пороен дожд и грмежи. Максималните дневни температури ќе бидат во интервал од 29 до 39 степени. УВ индексот ќе биде 9. Во Битола утре со максимална дневна температура од 35 степени.












