Претседателот на државната изборна комисија вели дека независните кандидати можат да учествуваат на изборите без собирање потписи.
„Планираме уште во текот на оваа недела на јавна седница, со оглед на новонастанатата ситуација, бидејќи во меѓувреме во Собранието не се изгласаа измените на Изборниот законик, нашиот постојан правилник за поднесување на кандидатски листи каде што се утврдени сите видови услови за кандидирање да го прецизираме, односно да го дополниме во смисла на директна примена на член 60 од Изборниот закон. Независните кандидати можат да учествуваат на изборите без собирање потписи, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко во интервју за Сител.
Потсетува дека Уставниот суд ги укина одредбите од законот за бројот на потребни потписи, меѓутоа правото предвидено во законот постои. Тоа никој не може да го оспори, ниту ДИК може да одлучува во врска со тоа, едноставно директно го применува законот. Тој вели дека ДИК ја гарантира целосно применета на законот подеднакво за сите учесници во изборите, тоа е политички партии, коалиции, група избирачи. Сите имаат еднакви услови и критериуми.
Претседателот на ДИК истакна дека Правилник за собирање на потписи е еден вид на акт, а Упатството за поднесување на кандидатски листи е сосема друг вид на подзаконски акт.
„Правилникот за собирање на потписи, ние го ставивме вон сила, односно го укинавме бидејќи одредбите 61 и 62 се укинати од Уставениот суд. Кога не постои законски основ, не може да постои ниту подзаконска одредба, не може да постои ниту подзаконски акт. Затоа е укинат тој правилник. Меѓутоа, Правилник за собирање на потписи е еден вид на акт, а Упатство за поднесување на кандидатски листи е сосема друг вид на подзаконски акт. Во случајов Упатството за поднесување на кандидатски листи постои, само тоа ќе биде прецизирано во смисла на директна примена на член 60. ДИК не е законодавец, со Упатството не воспоставува ново право, не одзема ново право, не го менува законот, не го толкува законот. ДИК има законска обврска да го примени правото дадено во законот, тоа и ќе го сториме“ рече тој.
Кондарко изјави дека согласно одредбите од Изборниот законик, нема предвремена кампања затоа што, како што рече, се уште нема поднесено листи на кандидати, нема учесници во изборната кампања и нема потврдени листи на кандидати.











