Центарот за поддршка на згрижувачки семејства СОС Детско село, како имплементатор на проектот “Унапредување на системски недостатоци –Поддршка на реформите во системот за заштита на деца”, вчера на Плоштадот Магнолија, го организираше настанот насловен „Подај рака и промени живот! Стани згрижувач!“.

Активности се дел од организираната кампања која има за цел да ја зголеми информираноста за значењето и бенефитите на програмата за згрижување на деца, да се покрене свесноста за важноста на згрижување на деца и да се создаде можност за креирање на една достапна мрежа за згрижувачки/роднински семејства низ целата територија на државата.

На настанот, свое обраќање имаше и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која нагласи дека во државата има 350 згрижувачки семејства кои се грижат за 600 корисници, но сеуште потребата за згрижувачки семејства е голема.

„Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“ е кампања за подигање на свеста за значењето на згрижувачките семејства и преку директен контакт со граѓаните ширум државата има за цел зголемување на бројот на згрижувачки семејства. Заедно со битолчани, ја поддржавме кампањата и ја испративме пораката дека секое дете заслужува да живее во семејна топла средина. Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа им овозможува на децата развивање во здрави личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината. СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Центрите за поддршка на згрижувачките семејства, Центрите за социјална работа и локалната власт, месец јуни го посвети на згрижувачките семејства и нивната улога во општеството“ рече министерката Тренчевска.

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека, развојот на социјалните услуги во локалната заедница и нивната достапност до граѓаните треба да биде постојана заедничка заложба, на сите релевантни субјекти кои делуваат во оваа област.
„Како градоначалник на општина Битола, ја поддржувам оваа иницијатива за градење на мрежа на згрижувачки семејства и достапни услуги во локалната заедница за сите граѓани. Грижата за најмладите, секогаш мора да биде помеѓу приоритетите, затоа што делувањето во најрана возраст, го креира понатамошниот процес на развојот на личноста. За децата кои останале без соодветна родителска грижа важно е да продолжат да живеат во познато опкружување, онаму од каде потекнуваат, со што ќе ги одржуваат трајните врски со поширокото семејство. Локалната самоуправа, преку активно делување во делот на своите надлежности, ќе даде свој придонес во идентификување на потенцијални згрижувачи кои ќе обезбедат грижа и заштита на децата и ќе овозможат одржување на врските со семејството, заедницата и културното потекло. Истовремено, се заложуваме за развој на систем на поддршка од други дополнителни социјални услуги кои понатаму ќе се усовршуваат и развиваат, согласно потребите на населението и граѓаните од овој град. Очекувам понатамошно успешно делување и постигнување на резултати кои имаат големо значење во надминување на недостатоците и унапредување на системот на заштита на децата“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

На настанот свое обраќање имаа и претставници од Центарот за социјална работа од Битола и центарот за поддршка на згрижувачки семејства, кои испратија охрабрувачки пораки до присутните, со цел поттикнување на хуманоста на граѓаните и несебично дарување љубов и рака за децата на кои тоа им е најпотребно.













