Граѓаните/посетителите со кампери можат да се паркираат во организирани кампови, односно во бизнисите кои работат законски и ги исполнуваат сите хигиенски и безбедносни стандарди за посетителите и генерално, законските урбанистички и еколошки стандарди, со што се става крај на злоупотребувачкото окупирање на шумите, плажите, археолошките локалитети и генерално, на просторите за јавна употреба од кампери и приколки, соопштија од Министерството за туризам на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Соопштението се однесува на законот изгласан на крајот во јануари, што како што објави МИА во петокот, во Грција се актуализираше откако на Пелопонез тројца кампери добиле казната од 300 евра за непрописно паркирање на бесплатен јавен општински паркинг на кој, според медиумите, немало никаква ознака со која се забранува паркирање на кампери во оваа област.
Со законот е забрането поставување шатори и паркирање приколки, полуприколки и кампери на археолошки локалитети, крајбрежни делови, плажи, на рабови на јавни шуми и општо на јавни површини, а за прекршувањето предвидена е казна затвор до три месеци или парична казна од 300 евра по лице или по шатор или по превозно средство.
Објаснија дека паркирањето на кампер возилата и приколките е регулирано со Законот за безбедност во сообраќајот според кој во населени места, паркирањето на приколки, каравани и чамци е забрането повеќе од 24 последователни часа и дека „можат да се паркираат во соодветни оградени области одредени од надлежните општини или заедници.“
Дополнително посочија дека на приватните имоти, законот предвидува бесплатно паркирање на само еден кампер или приколка, а за дополнително користење на просторот потребно е „создавање бизнис“.
– На овој начин, се поставува бариера за нелегалната активност на сметка на легалните и лиценцирани кампови, соопштија од Министерството за туризам на Грција.
МИА












