ТЕРА

REKLAMA???

КОГА ТРЕБА ДА СЕ ПОБАРА ПОМОШ ОД ЛОГОПЕД?

Децата од предучилишна возраст често се соочуваат со потешкотии во изговарање на гласовите „л„ и „р“ како и „с“, „з“ и „ш“. За какви пречки во говорот станува збор, кои се најчестите причини за ваквото говорење на децата и кога треба да се побара помош од стручни лица одговори побаравме од логопедот Анета Ѓорѓиевска.  

„Најголемите проблеми кои што ги имаат децата тоа се дислексиите, односно неправилно произнесување на гласовите, заменување на гласовите, немање на одреден глас.Најдобро е тие гласови да се рехабилитираат после 4 годишна возраст, меѓутоа често пати родителите сметаат дека тоа ќе си дојди само посебе, така што со почетокот на школската година со почетокот на прво одделение, најчесто се започнува со третмените за рехабилитација кај учениците кои што веќе се запишани во прво одделение. Постојат потешки и полесни форми на дислалија, тоа се најчесто гласовите „л“ или „р“, меѓутоа поголема група и потешкотии се кога сите гласови од групата „с“, „з“ и „ш“ ги нема, така што овај период е подолготраен и бара повеќе третмани во текот на една седмица и подолг временски период“, рече логопедот Анета Ѓорѓиевска.

Постојат повеќе причини за патологија во говорот, но најчести се вели Ѓорѓиевска генетските предиспозиции, бебешкото говорење од страна на родителот кон детето како и електронските уреди.

„Состојбата со задоцнувањето на говорот, неправилностите во говорот и одредени други потешкотии кои само не се дислалија, односно се развојни проблеми или потешкотии во говорот кај деца со аутизам, или друга патологија, се од неколку други фактори: можно е да имаме генетска предиспозиција се префрла од родител на дете, бебешкото зборување од страна на родителот, значи родителите се галат најчесто со своите деца, меѓутоа не треба да биди така, родителот треба правилно да му кажува на детето за детето да го восприеми говорот и да можи правилно да се изразува, одредени психолошки проблеми, пандемијата ни направи еден дополнителен период во кој што родителите беа изолирани со своите деца, не комуницираа со своите врсници, телефоните, телевизијата, така што не е еден фактор, можат да бидат повеќе причини за патологија во говорот,“ вели Ѓорѓиевска.

Кога е време да се побара помош од логопед?

„Се повеќе и повеќе децата доцнат со говорењето, меѓутоа доцнењето на говорот не значи дека детето ќе има патологија или патологијата на говорот не значи дека треба да има доцнење во говорот. Меѓутоа до 3 годишна возраст детето теба да зборува, да враќа со полна реченица на прашања и одговор и да извршува одредени мисловни процеси, затоа што говорот е сепак изразување на својата мисла. Кога родителот ќе види дека детето не зборува, не се врти на своето име, повторува по родителот, ако родителот го праша „ајде да одиме надвор“, детето повторува „ајде да одиме надвор“, тоа значи дека детето не го разбира налогот и дека треба да се побара стручна помош. Исто така патологијата на слухот има големо влијание на развојот на говорот, така што секој родител кога ќе види дека има голема отстапка кај детето, значи не разбира налог, не одговара на прашања, не го разбира налогот, не соработува со врсниците, не сака да игра сепак, треба да побара стручна помош која што не е само од логопед, туку е тимска работа за да може да се утврди за која патологија се работи, затоа што за секоја патологија има различен пристап на рехабилитација“, рече Ѓорѓиевска.

Таа со апел до родителите:

„Помалку децата да играат на телефони, помалку да гледаат телевизија, повеќе разговор, детето да игра со врсници, шетање во природа, разговарање, децата ќе научат и јазик дополнителен, ќе научат се што треба, само треба да го разбираат тоа нешто и да ги правиме работите согласно возраста, значи да не ги тортурираме децата и да очекуваме дека ќе бидат некакви феномени, мислејќи дека разбираат многу бројки, разбираат многу комјутери, а практично основното средство за комуникација и социјализација го нема“, рече Ѓорѓиевска.

Родителот вели треба да знае дека со детето треба повеќе време да поминува во игра или занимација, отколку на телефон или таблет.