Големиот прекин на електроснабдувањето што го парализираше Пиринејскиот Полуостров вчера, бил предизвикан од ненадејна загуба на 15 гигавати електрична енергија во шпанската мрежа во рок од само пет секунди, што доведе до дефект во меѓусекторската врска меѓу електропреносните мрежи на Шпанија и Франција.
Според шпанскиот мрежен оператор РЕЕ, европските енергетски мрежи не се проектирани да издржат вакви нагли загуби, што резултираше со колапс на електроснабдувањето во Шпанија и делови од Португалија.
Едуардо Прието, раководител на системските операции на РЕЕ, изјави дека сериозниот дисбаланс во енергетското производство предизвикал прекин во врската меѓу шпанската и француската мрежа, што довело до масовниот прекин.
Претходно шпанскиот премиер Педро Санчез во телевизиско обраќање до нацијата рече дека „точните причини сè уште се истражуваат, и ниту една хипотеза не е исклучена“. Т
Португалскиот премиер Луиш Монтенегро, пак, претходно рече дека нема индикации за кибернапад и очекува целосно обновување на електроснабдувањето во наредните часови.
Во меѓувреме, паниката во Мадрид доведе до долги редици во супермаркетите и празни рафтови, додека дел од метрото беше евакуиран, откако граѓани останаа заглавени во вагони и лифтови. Банката на Шпанија соопшти дека електронското банкарство функционира преку резервни системи, иако граѓаните пријавуваа неисправни банкомати.
МИА












