ТЕРА

REKLAMA???

КОЛКУ ГОСТИ ДОНЕСОА ВО БИТОЛА И ШТИП ФЕСТИВАЛОТ МАНАКИ И ПАСТРМАЛИЈАДАТА

Битола го има фестивалот Манаки, Штип својата пастрмалијада. Два настани кои се одржуваат истовремено. И двата донесоа гости во Битола и Штип, а по отворањето на Браќа Манаки и затворањето на штипската пастрмалијада веќе се прават проценки колку посетители имало и каков бенефит, покрај забавата, имаат двата града.

Штип веќе излезе со бројки дека во градот дошле над 100.000 посетители, главно привлечени со концетот на Дино Мерлин. Истиот не бил платен со пари на граѓаните, туку од страна на општествено одговорни компании. Општина Штип единствено предвидела во својот буџет да има 4,5 милиони денари за техничка поддршка на манифестацијата како организатор и домаќин, за изградба на нови електро и водоводни приклучоци кон и во стадионот, вклучувајќи ги и бесплатното паркирање и бесплатниот автобуски превоз од влезовите во градот до стадионот. Но, бенефитот е голем, севкупната придобивка се проценува на неколку милиони евра“, рече Градоначалникот на Штип на Иван Јорданов на прес-конференцијата за најава на „Штипската пастрмалијада“.

Со внимателно планирање и соработка, успеавме да создадеме настан со голем општествен и економски импакт за градот без дополнителен товар за јавните финансии, соопштија од општина Штип.

Влезот беше бесплатен за сите посетители, така што манифестацијата привлече посетители од цела Македонија, вклучително и од Битола. Најголем бенефит секако имаа сместувачките капацитети и угостителите. Преку нив манифестацијата придонесува за директен економски импакт на локално ниво.

Пастрајмалијадата во Штип заврши, фестивалот Манаки ќе ги забавува битолчани и во следните денови до петок.

Бројките допрва ќе се сумираат, но сепак до општина Битола упативме прашање колку гости привлече фестивалот и каков е бенефитот на градот во однос на генериран приход кај угостители, сместувачки капацитети и слично.


Конкретни бројки во однос на број на посетители или генериран приход за угостителите и сместувачките капацитети не добивме, но еве што одговорија од општина Битола:

„Општина Битола континуирано го поддржува Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ преку програмата за култура, но и логистички – со институциите на градот и јавните служби. Поддршката е насочена кон зачувување и развој на фестивалот како најзначаен културен бренд на Битола, препознатлив во Европа и светот.

Фестивалот секоја година носи во градот оскаровци, БАФТА наградени кинематографи, ѕвезди од светот на филмот и најзначајни автори, со што Битола станува жива сцена на филмската уметност. Во тие денови, сè е полно до последно место – сместувачките капацитети, рестораните и кафулињата, а градот пулсира со енергија на културен центар. Овој индиректен економски импакт оди рака под рака со културниот бенефит , Битола да биде дом на фестивал кој го носи името на браќата Манаки и ја слави нивната оставина, како трајно културно наследство.

Искуствата од соседството го потврдуваат тоа: Сараево филм фестивал денес е пример за трансформација на град во регионален културен хаб со милионски економски ефекти; Белград и Софија преку своите филмски фестивали градеа нова туристичка понуда, а Дубровник летните игри ја редефинираа сезоната на градот. Битола со „Браќа Манаки“ оди во истиот правец.

Нашата визија е културниот туризам да стане уште посилен стратешки правец за градот со посетители кои доаѓаат во категорија на високообразувана, интернационална и платежно способна публика. Тоа е публиката што не само што троши во локалната економија, туку и го носи највредното … глобалната препознатливост на Битола како културна дестинација.“-посочија од општина Битола.

Согласно програмата за култура изгласана од Советот на општина Битола, поддршката за фестивалот Манаки изнесува 3.000.000 денари.