Општина Битола за 2025 година не може да се пофали со висока оценка кога станува збор за активната транспарентност.
Подобри од Битола се Кавадарци, Кичево, Штип, Гевгелија, Крива Паланка, Куманово, Кочани, општините Центар, Кисела Вода, Карпош, Илинден, Гази Баба…
На ранг листата што ја објави Центарот за граѓански комуникации-Скопје, Општина Битола се наоѓа на 21-то место заедно со Прилеп, но пред Битола од овој регион е Општина Демир Хисар на 7-то место.

Што се однесува до регионите веќе трета година по ред Пелагонискиот Регион е на четвртата позиција, со непроменето просечно исполнување на обврските од активната транспарентност од 80 %.

Битола ја загуби неколкугодишната водечка позиција и 100 % активна транспарентност и годинава го дели второто место со Прилеп. По повеќе години на втората позиција во регионот, Демир Хисар конечно изби на првото место со 97,1 %.
На четвртото место е Крушево, потоа следуваат Новаци, Могила и Кривогаштани и најлоши се оценките за Кривогаштани, Ресен и Долнени.
Инаку просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
Активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).

Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %. Дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност.
Министерството за одбрана, петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион, а на последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани се наоѓа Полошкиот Регион.

Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, во случаите кога до институцијата се доставува барање за одредена информација, станува збор за ’реактивна транспарентност‘.
Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Овој закон, освен што пропишува обврска до институциите да одговорат на барањата за пристап до информации од јавен карактер, содржи и одредби за проактивно објавување информации, односно за самостојно објавување информации.












