Со концертот на Камерниот ансамбл „Нонет +“ што се одржа во Офицерскиот дом во Битола, започна одбележувањето на 60-годишнината од постоењето на Музичката младина на Македонија. Младите музичари Дарко Гроздановски, Памела Велкова, Ивана Здравкова, Тамара Охомуш, Верица Ајтовска, Кристина Стојановска, Анеса Зајази, Магдалена Дрмач и Ивона Давидовска, под диригентство на Ангел Спироски, настапија со композиции од Тавенер, Бибер, Перт и Холст.
Со овој настан КИЦ. Битола ја завршува јануарската програмска агенда која да потсетиме имаше пет исклучителни настани.

Овој настан не навраќа 60 години наназад, каде токму во Битола, млади музичари основаа граѓанска организација која ќе ги застапува нивните идеи и ќе им ги отвора сцените за нивна реализација. Па така на почетокот на 1963 година, во Битола, група млади музичари, ентузијасти, самоиницијативно ја основаa организацијата Музичка младина. Значајна улога за музичката младина на Македонија има битолчанецот, диригентот и професор Ѓорги Здравев.

Оттогаш па сѐ до денес, Музичката младина на Македонија неуморно и безрезервно го поттикнува, негува и штити творечкиот дух на младите, нивната желба за музицирање и еланот кој е од примарна важност за идна успешна музичка сцена.
„Нонет +“ е камерен ансамбл основан од Музичка младина на Македонија во 2019 година под раководство на диригентот и композитор Ангел Спироски. Камерниот ансамбл изведува композиции од сите музички епохи со посебен акцент на современата музика.

Во 2022 г. покрај настапот на „Подиум на млади“ на фестивалот „Охридско лето“, ансамблот на млади музичари настапи и низ неколку градови во земјата, како и на фестивалот „Есенски музички свечености „ во Скопје.
Музичка младина на Македонија ќе го одбележува јубилејот во текот на целата година со „Подиум на млади – Млад музички албум“, „Слободна Среда“, „Скопје гради музика“, летен музички камп „Етно Македонија“ и концерти на камерните оркестри „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“.
Концертот во Офицерскиот дом беше поддржан од Општина Битола.












