Во рамките на БИТ ФЕСТ, во Офицерскиот дом во Битола се одржа концерт за кларинет, глас и пијано со Ристо Ѓоревски (кларинет), Весна Гиновска-Илкова (сопран) и Елена Атанасовска-Ивановска (пијано). Нивната програма беше исполнета со дела од Шуман за кларинет и пијано, арија од опера на Пучини, дела од В. А. Моцарт, А. Гргин, Б. Ковач, Ф. Шуберт и А. Пијацола.
Македонскиот сопран Весна Гиновска Илкова во изминатите две децении е водечки драмски сопран во Македонската опера и балет. Елена Атанасовска – Ивановска е една од најуспешните и најафирмираните пијанисти во Република Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Соработувала со Македонската Филхармонија како нејзин надворешен пијанист, како и со оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Во моментов работи како доцент по корепетиција и практика на Факултетот за музичка уметност- Скопје.

Ристо Ѓоревски во своето досегашно искуство, меѓудругите значајни настапи, настапувал и со различни формации, оркестри или солистички во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Словачка,Бугарија, Полска, Босна и Херцеговина, Русија, САД, Индонезија, Израел и др. Исто така, три пати настапувал како солист со Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет, а забележителни настапи како солист има и со Московскиот државен академски симфониски оркестар во Москва 2015 г. и со Дувачкиот оркестар на Музичкиот универзитет Фредерик Шопен во Варшава, Полска 2017 г. Во 2018 заврши специјализација за изведба на кларинет на Музичкиот универзитет Шопен во Варшава, Полска и истата година на Интернационалниот фестивал Клариманиа во Вроцлав, Полска учествуваше како прв учесник од Македонија каде што се претстави со рецитал, предавање и мастерклас.

















