ТЕРА

REKLAMA???

КОНЦЕРТ ПО ПОВОД 20 ГОДИНИ КАРИЕРА НА БЛАГОЈ НАЦОСКИ

Во Македонската опера и балет се одржа концерт на нашиот тенор Благој Нацоски насловен како „ Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“. Гости на концертот беа Наде Талевска, сопран и Васко Здравков, баритон. Пијано придружба Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев. Водител: Огнен Јанески.

„Драги мои, импресиите се се’ уште силни и дури сега кога поминаа повеќе часови од дружбата во МОБ успевам на напишам нешто. Вечерта помина онака како што посакував, различно од еден концерт на оперска музика на кој сте/сме навикнати. Им благодарам од срце на Јанинка, Наде и Васко за посветеното учество, благодарам до целата Национална Опера и Балет за организацијата и едно огромно благодарам до Огнен без кој вечерта немаше да биде онаква каква што беше. Посебно благодарам и на сите вас многубројни во публиката и на сите оние кои ме следат и бодрат во овие први 20 години и без кои не би бил тоа што сум“, напиша Нацоски на социјалните мрежи.

На програмата беа изведени арии од композиторите: Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и др.

Благој Нацоски е најпознатиот македонски тенор кој веќе 20 години ги освојува сцените ширум целиот свет. Се издвојува по особената музикалност, префинетиот стил на изведба, неговата харизма и впечатливиот сценски настап. Изминатите години Нацоски бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо, Кина како и на светските премиери на оперите „Страв“, „Сега е мрак“, „Дрдорењара на Лапо“ каде ги толкува главните тенорски партии.

Пред крајот на 2022 одржа три концерти во македонската филхармонија. Со оркестарот на Филхармонијата тој настапи како солист заедно со пијанистот Лука Чамаруги од Италија. Следниот ден заедно одржаа камерен концерт насловен „Меѓа“, на кој во рамките на програмата „Убавата воденичарка”, на Франц Шуберт, имаше македонска премиера.

На 17. декември Нацоски настапи и како солист на операта, во популарната сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, заедно со Катерина Стојановска и Нико Ѓоргиевски. Изминатиот период тој настапи во светската премиера на операта ‘Сега е мрак, прашајте’ во главната тенорска улога во театарот „Верди“ во Сасари. Потоа следуваше рецитал во Милано, односно циклусот ‘Зимско патување’ од Шуберт. Настапува во театарот ’Масимо’ во Палермо, со операта ‘Набуко’, а потоа и во Операта во Тенерифе со ‘Бал под маски’. Непосредно пред доаѓањето во Скопје настапи во операта ‘Боеми’ од Леонкавало во Катанија. На 27. декември настапи на концерт за мир во Беневенто.

Особено успешен е и како концертен односно камерен пејач изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс во Дуо со пијанистот Лука Чамаруги. Нацоски дебитираше во февруари 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа.

Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија.

Следните настапи ги вклучуваат сцените во Катанија, Џенова, Бари, турнејата во Јапонија, концертите во Мантова и Удине итн.