ТЕРА

REKLAMA???

Коцкањето кај младите е сериозен психо-социјален проблем, предупредуваат психолозите

Секој четврти средношколец во Македонија се изјаснил дека се коцкал за пари, покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје. Младите се коцкале и во живо и онлајн.

Онлајн коцкањето било исто така честа појава кај оние коишто се коцкале а пропорцијата била речиси идентична помеѓу половите. Извештајот покажува дека 61% од момчињата и 60% од девојчињата навеле дека се коцкале онлајн.

Коцкањето кај младите претставува сериозен и растечки психо социјален проблем кој честопати во прва фаза претставува незабележан од средината се додека не се појават сериозни последици, вели психологот м-р Марија Младеновска-Димитровска.

„Самиот период на адолесценцијата од сите аспекти, пред се од емоционален аспект ја прави ризичен период којшто ги тера младите, барајќи го својот идентитет кон различни зависнички однесувања, вклучително и коцкањето. Во прво време тоа останува незабележано, се додека подоцна не се јават сериозни последици. Најчесто таквото ризично однесување претставува бегство од различни емоционални потешкотии како што се стресот, анксиозноста, ниската самодоверба и различни други семејни, училишни проблеми итн.“- вели Младеновска-Димитровска.

Таа додава дека последиците од коцкањето можат да бидат сериозни кај младите. Тука пред се, се нарушуваат социјалните односи со средината, со семејството, во училиштето.

„Се јавува пад на училишниот успех, отсуства од настава, изолација и различни психолошки проблеми како депресивност, анксиозност, агресивни состојби, конфликти со средината и различни други ризични однесувања. Затоа особено важно е навремено да се препознае оваа негативна појава, превентивно да се делува, бидејќи превенцијата е клучна и вклучува едукација на младите за ризиците од коцкањето, активно вклучување и на семејството и на училиштето за препознавање на знаците и навремена психолошка поддршка на младите лица. Исто така развивање и на вештини за справување со стресот, емоциите, зајакнување на самодовербата и самопочитта“-вели за ТЕРА телевизија психологот м-р Марија Младеновска-Димитровска.

Инаку, според истражувањето на Институтот за јавно здравје проблем не е само коцкањето кај средношколците во Македонија.  Над 28 проценти од анкетираните ученици изјавиле дека своето прво искуство со алкохол го имале на 13 години или помалку, додека пак високи 70 проценти од учениците се изјасниле дека поминуваат премногу време на социјалните мрежи.