Во Скопје денеска ќе се одржи лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст. На самитот чиј домаќин е премиерот Христијан Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.

„Вечерва имав чест да сум домаќин на лидерите на државите од Западен Балкан и ЕУ. Скопје е домаќин на важен настан, и оваа прилика ја користиме за лобирање за македонските интереси и политики“ рече премиерот Мицкоски.

Вчера Мицкоски оствари средба со еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, која престојува во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан.

На средбата се разговараше за европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции.

Премиерот Мицкоски ја истакна цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.

Еврокомесарката Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.

Премиерот нагласи дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани.












