Трета година по ред, Меѓународниот фолклорен фестивал во Сплит, Хрватска, го привлече вниманието на многубројните присутни, не само од Хрватска, туку и на гостите од странство. Сплитската Рива беше преполна со посетители кои уживаа во богатството на фолклорот на повеќе земји, оваа година 180 учесници од 7 земји плус Хрватска, но и Македонија.
Во соработка со Сплитско-далматинскиот округ, Фолклорниот ансамбл Единство Сплит, повторно донесе светски ора,танци и музика, од Австралија до Јужна Америка. Фестивалот за отворен го прогласи Префектот на Сплитско Далматинскиот регион, Блаженко Бобан.

Градоначалникот на Сплит, Ивица Пуљак, го истакна своето задоволство од овој фестивал и рече дека оваа манифестација ја збогатува туристичката понуда на овој хрватски град. Тој беше воодушевен од македонскиот фолклор.
„Одлично, исто како сите останати, јас сум воодушевен. Тоа сето го покажува богатството, културата на Македонија и македонскиот народ“.

„Фестивалот годинава е најуспешен досега по бројот на ансамбли, земјите од кои доаѓаат, како и по бројот на учесници“, истакна претседателот на ФА Единство, Емин Сарајлиќ. Тој ја потенцираше добрата соработка со Македонија и задоволството од истата.
„За нас тоа е голема привилегија, што еве втора година по ред имаме група од Македонија. Чест и задоволство ни е затоа што сите ние сме љубители на македонскиот фолклор, особено на македонските ора“.

Македонскиот фолклор го претстави Фолклорниот ансамбл Етнос од Скопје. Со ова се претставува богатата македонска култура и традиција надвор од границите на Македонија. На фестивалот се претставија со 5 кореографии, а првата вечер ја изведоа кореографијата „Драчевка“.Оваа година одбележуваат 20 години постоење.

На овогодинешниот фестивал своето културно наследство го претставија и фолклорните ансамбли од Мексико, Романија, Уругвај и други земји. Концерти, работилници за деца и други придружни настани беа дел од овој значаен културен и туристички настан и се одржуваа на повеќе локации: Сплит, Трогир, Солин и Подстрана.Сплитскиот меѓународен фолклорен фестивал од оваа година е вклучен во престижниот CIOFF календар на светските фолклорни фестивали.












