Периoдов се беше во знакот на Оскарите. Ние денес се потсетуваме на македонските филмови кои низ годините беа понудени за номинација за Оскар за најдобар странски филм.
Досега два македонски филмови имаат добиено номинација за Оскар – „Пред дождот“ во 1994 година, во режија на Милчо Манчевски, и „Медена земја“ во 2019 година, во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. За жал, ниту Манчевски, ниту режисерското дуо Котевска/Стефанов не успеаја да ја освојат златната статуетка.
Најуспешниот македонски филм на сите времиња „Пред дождот“ е добитник на над 30 меѓународни награди, меѓу кои и престижната „Златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција и уште 4 номинации од кои најзначајната е секако номинацијата за Оскар (Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје) во 1995 година.
Трите делови „Зборови“, „Лица“ и „Слики“ се поврзани во хармонична филмска нарација, а преовладува една од секојдневните и вечните теми на Балканот, секогаш подеднакво болна и актуелна, разработена на начин како што само Милчо умее да ја раскаже и режира. Главните улоги ги оживуваат Кетрин Картлиџ, Раде Шербеџија, Лабина Митевска, Грегоар Колен. Дел од филмските сцени се снимени во Мариово, а дел во Охрид. Одличната кинематографија и фотографија го прават уште помагично целото филмско доживување, а „Њујорк Тајмс“ го вбројува „Пред дождот“ во 1000 најдобри филмови во историјата. Филмот е дел од програмата на стотици универзитети ширум светот, а во Италија претставува дел од задолжителната наставна програма во средните училишта.

Приказната на Атиџе Муратовска, жената која одгледува диви пчели во зафрленото напуштено овчеполско село Бекирлија, станала предизвик за режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Тие три години го живееле и документирале нејзиниот живот, за на крајот да го прикажат и да го освојат светот со магичните зборови на Атиџе – „половинa земи, половина остави“, но и со сликите од недопрената македонска природа која успеале да ја регистрираат камерите на Фејми Даут и Самир Љума. Наградите и признанијата кои филмот „Медена земја“ ги собра на бројните фестивалите беа доволен знак дека тој треба да биде македонски кандидат за филмската награда „Оскар“. И, за прв пат во историјата на оскарите се случи еден документарен филм, токму тој, да добие две номинации – за најдобар странски филм и за најдобар документарец.

„Gypsy Magic“ на Столе Попов, 1997 година: Примарниот впечаток е дека во овој филм е направен обид да се прикаже вистинската положба на Ромите, кај кои материјалната беда стои веднаш наспроти психолошката слобода којашто треба да го претставува нивното вистинско богатство. По овој модел режисерот настојува таа содржина на филмот да ја направи што поуниверзална. Номадскиот менталитет, манифестирањето на исконската човечка потреба по трагање, опиеноста со животот и носталгичната жед по него, би требало да бидат суштинската естетска порака на овој филм. Како прилог кон филмот е и музичката придружба на Влатко Стефановски, а мораме да ја нагласиме и успешната соработка врз визуелната надградба на филмот на монтажерот Димитар Грбевски и, се разбира, целата актерска екипа . Главни улоги: Предраг – Мики Манојловиќ, Ентони Заки, Катина Иванова, Бајрам Северџан, Тони Михајловски, Арна Шијак, Горан Додевски, Владимир Јачев, Џемаил Хасан, Данчо Чевревски.
А меѓу останатите филмови се и : „Контакт“ на Сергеј Станојковски, „Врба“и „Сенки“ на Манчевски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „До Балчак“ Столе Попов, „Медена ноќ“ на Иво Трајков, „Ослободувањето на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија, 2016 година, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, 2018 година, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, 2023 и други.












