Вложувањата на граѓани, институции и компании во неживотни осигурувања во јули достигнаа 1,29 милијарди денари (21 мил.евра). Ова претставува рекордно највисоко месечно ниво на вложување во осигурителни производи во првите седум месеци годинава, покажуваат официјалните месечни податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите 11 осигурителни компании кои продаваат неживотни осигурувања.
Од сите класи на доброволни осигурувања, очекувано, најмногу пари се вложени во осигурување имот. Граѓани, фирми и институции склучиле над 14.000 договори во кои вложиле 184 милиони денари (3 милиони евра).
На второ и трето место според продажбата на доброволни осигурувања во јули беа каско осигурувањето за моторни возила и приватното (дополнително) здравствено осигурување. Во осигурување на штети врз своите возила (каско) осигурениците во јули вложија 126,3 милиони денари (2,05 мил.евра). Тоа е раст од 9 отсто во однос на јуни годинава.

Од продажбата на приватно здравствено осигурување компаниите акумулирале 105,5 милиони денари (1,7 мил.евра). Продажбата на овој производ во јули е за нијанса помал во однос на продажбата во јуни годинава.
Вредно за истакнување е дека во ек на сезоната на летни одмори продажбата на патничко осигурување достигна ниво од 44,8 милиони денари (728.000 евра). Тоа е 16 отсто повеќе во однос на претходниот месец односно јуни. Раст на продажбата на патнично осигурување од 6 отсто има и во однос на јули лани.
фотографии: unsplash












