Со доделувањето на наградите во ХНК. Сплит завршија 33-те „Денови на Марулиќ“, фестивалот на хрватската драма. За наградите одлучуваше жири во состав: телевизиската новинарка и уредничка Зринка Туралија, актерката и режисерка Анастасија Јанковска, актерката Перица Мартиновиќ, театарскиот критичар, новинар и писател Томислав Чадеж и новинарот и публицист Дамир Шарац. Наградата „Марул“ за најдобра режија ја доби битолчанецот Марјан Неќак за претставата „Кабаре Каспар“ од Тена Штивичиќ во продукција на Словенечкиот народен театар од Љубљана.
Според објаснувањето на жирито: „Неќак режираше малку апстрактен текст кој беше претставен како еден вид мјузикл изведен од инспирирани актери. Цврстото темпо, одличната синергија на сцената, костимите, светлото и музиката ја прават оваа претстава суверена во својот израз и моќна по својот впечаток“.

Претставата „Кабаре Каспар“, под која Неќак се потпишува и како композитор, е жанровски хибрид на трагикомедија и привлечна драма, која зборува и за денешниот свет и блиската иднина преку хумор и самоиронија.
Во претставата играат актерите Барбара Церар, Саша Табаковиќ, Ива Бабиќ, Пиа Земљич, Урош Фурст, Бенџамин Крнетиќ, Нина Валич, Клемен Јанежиќ и Јанез Шкоф. Оваа година на фестивалот „Денови на Марулиќ“ на публиката и беа понудени 11 драмски дела работени по хрватски драмски текстови, во продукција на театри од Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, по избор на селекторката Ким Цуцулиќ.
Наградите „Марул“ на лауреатите им ги врачи членот на жирито Зринка Туралија. Изработката на истите се дело на скулпторот Кажимир Храста, а наградата од Слободна Далмација ја изработи уметничката Нивес Чичин Шаин. Неќак беше единствениот македонски режисер на овој фестивал. Ова не е прва награда за него добиена на овој фестивал, имено пред неколку години тој беше добитник на наградата „Марул“ за најдобро уметничко остварување, за претставата „Девојчето со жиците“.












