Новиот германски канцелар Фридрих Мерц синоќа ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да се „држи понастрана“ од внатрешната политика на Германија, откако неколку американски функционери ѝ дадоа поддршка на крајно десничарската партија АфД.
Најавувајќи дека утре ќе го има својот прв телефонски разговор со американскиот претседател Трамп, новиот германски лидер изјави за телевизијата ЗДФ (ZDF) дека сака да „ја охрабри и повика американската Влада да ја остави внатрешната политика на Германија да остане внатрешно прашање и да се држи подалеку од партиските политички размислувања“.
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио во петокот остро ја критикуваа одлуката на германската разузнавачка служба БфД да ја класифицира партијата АфД како екстремистичка десничарска организација, подложувајќи ја на зголемен владин надзор.
Конзервативниот лидер Фридрих Мерц вечера беше избран во вториот круг гласање од пратениците за десетти канцелар на Германија по Втората светска војна. Тој ги доби неопходните гласови при второто гласање, неколку часа откако не успеа да победи во првиот круг во парламентот, што претставува историски пораз, со оглед на тоа што станува збор за прв кандидат што не успеал во првото гласање да стане канцелар во повоената германска историја.












