На денешната прес конференција пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски побара владата да ги објави и двата прелог документи, за да може да се види дали има измена на вториот предлог кој вчера пристигна во владата.
„Премиерот Ковачевски се обиде да ги изманипулира новинарите, јавноста и политичките партии дека неговото “НЕ“ во Брисел предизвикало суштинско видоизменување на францускиот предлог за преговарачка рамка за да многу брзо потоа биде демантиран од министерската за надворешни работи на соседна Бугарија, а денеска е демантиран и од француската амбасадорка во Софија која што е акредитирана од Макрон да биде претставник и гласноговорник на француската политика како амбасадорка.
Затоа бараме од Димитар Ковачевски да престане со овие манипулации, да го објави предлогот и да види целата јавност дека овој предлог суштински е истиот со она за коешто македонската јавност веќе изгради широк консензус дека е неповолен за државата, понижувачки е, не ги решава споровите со Бугарија и не не носи до целта која што ја замислуваме во минативе 20 години, а тоа е полноправно членство во ЕУ. За ваков предлог не е доволно да се консултира Ковачевски само со коалиционите партнери и со одбрани невладини или провладини здруженија, за ваков неповолен предлог на преговарачка рамка кој што е голем дебакл за македонската дипломатија треба Владата да даде оставка, да распише предвремени парламентарни избори и народот да одлучи на кој начин смета дека треба да продолжи да се движи Република Македонија во правилна насока. ВМРО-ДПМНЕ го чувствува револтот на граѓаните, оправданото незадоволство коешто се акумулира заради манипулирањето на Ковачевски и на Бујар Османи и ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите можни демократски опции за канализирање на тој револт во Собранието и надвор од Собранието“, истакна Милошоски.












