Подготовките за ураганот „Милтон“ се во полн ек! Милиони луѓе се повикани да се засолнат на безбедно, а многумина веќе ги забарикадираа своите домови.
„Милтон“ се очекува да го погоди западниот брег во среда навечер, и може да биде еден од најопасните урагани во историјата на Флорида! Службите за итни случаи се подготвени за предизвиците што доаѓаат.
Постои голем притисок на патиштата, а луѓето се соочуваат со недостаток на гориво.Хотелите се целосно резервирани. Некои аеродроми веќе престанаа со работа. Затворање најавија и забавните паркови Дизни Ворлд, Универзал и Сиворлд во Флорида.
Американскиот национален центар за урагани вчера (8.10) соопшти дека „Милтон“ има брзина на ветрот до 270 километри на час.
Пентагон мобилизира илјадници војници на Националната гарда за спасувачки операции.
Гувернерот Рон Де Сантис апелира до сите да ги следат наредбите за евакуација. „ Вашата безбедност е на прво место!“ рече тој.
„Милтон“ има потенцијал да биде еден од најразорните урагани што некогаш биле регистрирани во регионот, предупреди американскиот национален центар за урагани, истакнувајќи дека вообичаено сувите крајбрежни области може да бидат поплавени од зголемувањето на нивото на морето. Се очекуваат напливи опасни по живот со бранови високи до пет метри, разорни ветрови и силен дожд. Постои и ризик од торнада.
„Тоа е прашање на живот и смрт“, предупреди американскиот претседател Џо Бајден.Во градот Тампа, градоначалничката Џејн Кастор, исто така упати сериозно предупредување до населението: „Можам да кажам без никаква драматизација: Ако изберете да останете во една од областите за евакуација, ќе умрете“, рече таа за Си-Ен-Ен.
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп ја искористи катастрофата за својата изборна кампања, критикувајќи го Бајден и Камала Харис за недостиг на адекватна реакција. Харис, која се кандидира против Трамп на изборите на 5-ти ноември, веќе неколкупати посети погодените области за да ја процени ситуацијата и да им понуди поддршка на жртвите.
Градоначалничката на Тампа, Џејн Кастор, ја опиша ситуацијата со ураганот „Хелен“ како „повик за будење“, но предупреди дека заканата од „Милтон“ е „буквално катастрофална“.
Во меѓувреме, Бајден ја одложи својата посета на Германија за да се фокусира на кризата.
Сите очи се вперени во ситуацијата во Флорида!












