Министерот за одбрана Владо Мисајловски од денес учествува на дводневниот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, кој се одржува во Брисел. Ова е прв состанок на НАТО на високо ниво по Самитот во Вашингтон и прв што го води новиот генерален секретар Марк Руте.
На состанокот ќе се дискутираат клучни теми како што се одвраќањето и одбраната на Алијансата, поддршката за Украина и зајакнувањето на соработката со земјите од Индо-пацификот. Целта е преглед на имплементацијата на одлуките од Самитот во Вашингтон и зајакнување на капацитетите на Алијансата за одговор на растечките закани.

Денеска беше одржан и состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, на кој министерот Мисајловски истакна дека справувањето со тероризмот останува клучно за колективната одбрана. На сесијата со глобалните партнери учествуваат и министри од Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја.
Посебна сесија е посветена на јакнењето на соработката со Украина, на која ќе присуствуваат претседателот Володимир Зеленски и министерот за одбрана Рустем Умеров, и ќе се разговара за новата НАТО команда за координација на помош и обука за Украина.

На маргините на состанокот, министерот Мисајловски оствари билатерални состаноци со колеги од Албанија, Норвешка и Словенија за зајакнување на билатералната соработка во областа на одбраната.












