Министерството за здравство информираше дека во Клиничкиот центар функционира кризниот штаб, во тесна координација со Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи.
Тимовите на здравствените установи се целосно ангажирани за обезбедување соодветна медицинска нега, а состојбата на сите пациенти се следи внимателно, при што се спроведуваат конзилијарни одлуки за натамошните медицински постапки.
Во текот на вчерашниот ден се згрижени над 140 пациенти, распределени во здравствените установи низ земјата:
- Клинички центар – 20 пациенти
- ГОБ „8 Септември” – 20 пациенти
- Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски” – 21 пациент
- Клиничка болница Штип – 20 пациенти
- Општа болница Кочани – 7 пациенти
- Клиника за токсикологија – 2 пациенти
Покрај медицинската грижа во земјата, дел од пациентите се префрлени во здравствени установи во странство, како резултат на меѓународната поддршка и соработката со партнерските земји.
Пациенти се хоспитализираат во Турција, Бугарија, Грција, Србија. Во Хрватска и Романија се очекува во тек на денешниот ден да бидат испратени по 4 пациенти во секоја од овие земји.
Од Словенија, Унгарија и Австрија се очекува да испратат медицински авиони за транспорт на пациенти.
Како дополнителна поддршка во справувањето со кризата, во земјата пристигна медицински тим од ВМА Белград, а се очекуваат и медицински тимови од Чешка, Израел и Белгија, кои ќе се приклучат на напорите за обезбедување соодветна здравствена грижа.
За сите информации поврзани со состојбата на пациентите кои се наоѓаат во странство, како контакт лице е именуван проф. Д-р Игор Николов, кој е достапен на телефонскиот број: +389 72 270 648.
Министерството за здравство останува во постојана комуникација со сите надлежни институции и меѓународни партнери за натамошна координација и поддршка.












