ВМРО-ДПМНЕ ги добива одговорите од трите анкетни прашалници кои беа доставени до граѓаните на клучни места со најголема фреквенција на луѓе и тоа, пред маркетите, пред институциите и пред патарините, рече на денешната прес конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО ДПМНЕ.
„Ова е најголемата теренска анкета која што некогаш е спроведена во Република Македонија и со голема прецизност го отсликува гневот кој владее кај народот. А причина за тоа е криминалната власт која наместо за народот работи за своите лични интереси. Одговорите на анкетните прашалници веќе ги добиваме.
Денес ќе ви соопштам одговори кои ги добиваме од анкетниот прашалник кој беше поделен пред маркетите ширум државата, од кои досега се стигнати над 50.000 примероци. На прашањето дали со пазарењето граѓаните ги задоволиле своите егзистенцијални потреби на неделно ниво, 70% од граѓаните одговориле дека воопшто не ги задоволиле, 17% делумно и 13% целосно ги задоволиле своите потреби.
Одговорот зошто резултатите на ова прашање се вакви го добиваме во одговорот на следното прашање. А тоа е која е причината поради која пазарите помалку. Фрапантни 85% одговориле затоа што цените се поскапи, а трошоците за живот превисоки. 9% одговориле дека пазарат исти количини, а 7% одговориле дека имаат помали потреби во семејството. Потврда дека животот е се полош со оваа власт е и одговорот на прашањето дали минатата година со истите пари граѓаните ја пополниле истата кошница каде 94% од граѓаните одговориле дека истата е за половина попразна.
Кога велиме дека е премногу и дека мора да има предвремени парламентарни избори за работите да тргнат на подобро тоа го црпиме од одговорот на следното прашање. Кој сметате дека е виновен за поскапувањето? Дури 81% одговориле дека Владата е таа која не презема ништо и заради која цените се високи“ рече таа.












