„Ви ветивме победа и имаме победа! Триумф на народот, на верниот народ. Вечерва Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности“, вака синоќа од партиското седиште се обрати претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.
„Ова е само почеток на новата македонска енергија: мирна, одлучна и праведна. Во овие недели покажавме дека политиката може да има поинакво лице. Без навреди, без гнев, без омраза, со достоинство, со поглед право во очи, со дела наместо со празни ветувања. Граѓаните го препознаа тоа. И вечерва со убедливо мнозинство ја потврдија својата доверба. Не заради нас, туку заради себе. Поради своите семејства. Поради својата иднина. Поради Македонија!
Секој човек што излезе и гласаше за продолжување на промените, гласаше за вистината дека може подобро. Дека чесноста вреди. Дека трудот носи резултати. Тоа е нашата обврска. Довербата не е награда. Таа е задача што почнува утре наутро. Со секој нов ден. Со секоја улица, училиште, фабрика, болница што ќе ја направиме. Со секој нов човек кој верува дека овде има смисла да се живее и да се сонува. Оваа победа ја градевме чекор по чекор. Не со ветувања, туку со работа. Не со спектакли, туку со упорност. И затоа таа победа не е само наша. Таа е на сите што веруваат дека државата мора да се движи напред. Дека општините мора да растат. Дека иднината не треба да се чека, туку да се создава. Да бидеме искрени: патот не е лесен. Но, Македонија има сила. Има и луѓе. Има и волја. И кога тие три нешта ќе се соединат – нема сила што може да ја сопре Татковината! Затоа вечерва не славиме, туку ветуваме. Ветуваме дека ќе работиме уште повеќе. Дека секој глас ќе го претвориме во дело. Секоја надеж во резултат“ рече Мицкоски.
Мицкоски синоќа кажа дека имаат победа во над триесет општини уште во првиот круг.
„Разликата е два спорема еден, некаде три спрема еден. Некаде е и многу поголема. Имаме победа и во општини каде СДСМ имаше свои градоначалници. Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. 20 години чекавме за овој ден, 20 години. Имаме победа и во Делчево, победивме и во Берово. Убедлива победа имаме во пелагонијата во Битола, во Прилеп, во Штип имаме , во Кавадарци, Гевгелија, во Свети Николе, во Охрид, во Карбинци, во Демир Хисар, во Новаци, Градско, Бутел, во Ѓорче Петров, Гази Баба, Кисела Вода, во Сопиште, Илинден, Петровец, Јегуновце. Велес, Радовиш, Ресен, повеќе од триесет општини победивме уште во првиот круг. Имаме огромно водство, Орце има огромно водство неколку пати повеќе од својот против кандидат во Скопје. И таму е извесен победник е Орце во вториот круг. Водиме во Карпош. Таму Сотир сам се бореше против сите сојузи и подземни игри и сигурен сум дека ќе имаме победа во втроиот круг. Јасен е трендот дека граѓаните бараат промени во Карпош“ рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека во вториот круг нема место за калкулации, за поделби, за суети.
„Во следните две недели ќе одиме од човек до човек. Од куќа до куќа. Не за да убедуваме, туку за да потсетуваме. Оваа држава е наша. Никој нема право повторно да ја врати назад. Промената што ја донесовме мора да се потврди. За Македонија конечно да застане на нозе“ рече тој.












