Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан Саем – Отчет, четири години работа за тебе испрати и пораки и за претстојните локални избори. Мицкоски укажа дека на овие избори е сосема извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и овие избори во најголемиот дел ќе се решат работите уште првиот круг.

„И тоа го говорат анкетите, но и нашето чувство кое го имаме изградено врз нашето искуство од комуникацијата со граѓаните. Но, сакам да кажам дека секоја победа мора да се заслужи со работа и со чесност. Нема простор за опуштеност, ниту за неоправдана ароганција”, вели Мицкоски.

Мицкоски се осврна и на тоа какви треба да бидат градоначалниците.
„Градоначалникот мора да биде прв меѓу еднаквите – слуга на народот, а не негов господар. Градоначалникот мора да биде работлив, чесен и достоен – човек што ќе ја носи довербата како најголема чест, а не како лична привилегија. Градоначалникот мора да биде секој ден со граѓаните – во улиците, во маалата, меѓу луѓето. Прв да дојде на работа и последен да замине. Градоначалникот мора да биде транспарентен – секоја потрошена пара да биде јасна, секоја одлука да биде за општото добро. Градоначалникот мора да биде одговорен – затоа што секоја негова одлука го менува животот на илјадници луѓе”, посочи Мицкоски.

Според Мицкоски токму такви луѓе им требаат на граѓаните и додаде „не политичари што мислат на следниот изборен циклус, туку градоначалници што мислат на идните генерации, што исполнуваат”.
На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе”, се обрати градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски кој истакна дека општината инвестира во делот на инфраструктурата спортот со реновирање на стадионот, изградба на велосипедски патеки, боксерска сала и памп трака за рекреација.

„Во делот на инфраструктурата, сето она што го правевме секоја улица се работи за целосна реконструкција со водоводната мрежа, канализационата мрежа, фекална, атмосферска. Една од активностите која во последниот период ја работиме и првата третина е завршена, се првите 800-тини метри на влезот на Битола, рак рана на градот во делот на инфраструктурата, комплетна темелна реконструкција, со водоводна инфраструктура и комплетно булеварско решение. Направивме над 50 км улици не само во урбаните и во руралните средини. Улицата Бурса која го решава густиот транспорт, влезот спрема Охрид е дооформен со нов мост, Крушевска република е дооформена, една од најдолгите улици Стив Наумов и други”, рече Коњановски.
Градоначалникот истакна дека се вложува во спортот, со дооформување на стадионот, велосипедски патеки и памп трака како и тоа дека се прават паркинг простори за да се задоволат потребите на граѓаните и градското подрачје.
„Во делот на одржување на објектите кои биле запоставени години наназад, тука е дооформувањето на стадионот Петар Милошевски, го спремаме во полн сјај за натпреварите што следат. Тој огромен проект на реконструкција на јужната трибина значи многу за градот, во непосредна близина на стадионот Петар Милошевски е новата боксерка сала тоа беше една руина која години стоеше и го девастираше делот, се работеше на реконструкција на спортската сала, таа после многу години повторно го виде светлото и она што треба да биде исполнето за Лигата на шампионите. Веќе направивме два паркинг простори, а со новата проекција на Владата уште пет паркинг простори со кои ќе се задоволи потребата за градското подрачје. Битола издвојува огромни средства за поддршка на спортот, три професионални спортски клубови, над милион и пол евра годишно издвојува општината, во таа насока правиме многу. Првите велосипедски патеки ги завршивме, над 5 ипол километри, со комплетно обележување но не застануваме тука”, вели Коњановски.













