Денеска во посета на Битола претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој заедно со градоначалникот на Битола Тони Коњановски, двете пратенички од Битола Олга Лозановска и Силвана Ангелевска и претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Битола Пеце Милевски остварија средба со претставниците од Регионалната Стопанска Комора. Целта на оваа средба како што рече градоначалникот е да ги слушнат нивните барања и сугестии за да ја направат Битола пристојно место за живеење со перспективи за младите.

„ Ова е континуитет на средбите кои ги ветивме уште од предизборието и еве во неколку наврати веќе се среќаваме, се собираме да ги размениме нашите искуства, да ги видиме проблемите на бизнис заедницата. Зошто, на самиот почеток кажав, ние сме нивни партнер, ние сме сервис на граѓаните и Општина Битола така и делува во изминатава година и пол.Добро е и претседателот да ги слушне нивните сугестии, желби, барања, поплаки можеби за она што е сработено или она што треба да се сработи.Тука сме да ги слушнеме нив и јас, пред се, би им дозволил нив повеќе да говорат денес, отколку ние. Ние сме тука да ги слушниме, повторно велам, нивните барања, заложби, се со цел Битола да го направиме пристојно место за живеење, да овориме што повеќе работни места, младите да ни останат тука, а има перспективи.Битола е жив град, Битола е град кој има потенцијали и со оваа заедница на луѓе со кој секојдневно комуницираме, навистина сме на прав пат“,изјави градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски порача дека Битола има неколку проекти кои што се од огромно би рекол и државно значање и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има приоритет во реализација на тие проекти за Општина Битола.
„ Сакаме да покажеме дека тука сме во прво лице да ги слушнеме проблемите и тука сме да можеме да ги решаваме тие проблеми.Се сеќавате јас најавив дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера годишно да завршат околу 250 милиони евра или 15 милијарди денари капитални инвестиции за потребите на општините. Битола има неколку проекти кои што се од огромно би рекол и државно значање и идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има приоритет во реализација на тие проекти за општина Битола, меѓу кои што е техничкото односно идејното решение за спортската сала е поминато односно е избрано кој ќе биде. Но и не само тоа, има и многу други проекти во делот на инфраструктурата, но и оние би рекол проекти кои што ќе донесат основни услови за живот како што се да речеме, за деловите кои што сеуште за жал немаат своја канализација, вода питка и техничка за пиење, асфалт кој што и до ден денеска газат кал. Така што имаме навистина еден амбициозен проект кој што повеќе од 1 милијарда евра ќе бидат пари кој што директно од капитални инвестиции од буџетот ќе завршат за општините, а секако Битола е еден од клучните приоритети затоа што Битола и битолчани тоа го заслужуваат“, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Го прашавме како ја отценува состојбата во општините и колку е задоволен од работата на градоначалниците, конкретно од градоначалникот Коњановски.
„ Ние континуирано имаме мерења партиски, внатрепартиски на јавното мислење во Македонија. Една теренска анкета секој месец правиме, една телефонска анкета – кредибилни институции кои вршат јавно мерење. И редовно од почетокот на 2022 година го поставуваме прашањето за тоа како се граѓаните задоволни од новите градоначалници, односно од новата локална самоуправа. Но, исто така, го поставуваме и прашањето – дали Македонија се движи во вистинска насока, дали треба оваа Влада да замине или не. Можам да ви кажам дека на прашањето дали Македонија се движи во вистинска насока и дали оваа Влада треба да замине, повеќе од три четвртини од граѓаните велат дека Македонија се движи во погрешна насока и дека оваа Влада треба да замине. Кога го поставуваме прашањето дали сте задоволни од работата на новата локална самоуправа и новите градоначалници, повеќе од две третини од граѓаните велат дека се задоволни. Дали јас сум задоволен од работата на градоначалникот Тони Коњановски, секако дека ќе кажам дека сум супер задоволен. Во изминатиот период имавме анкета на мерењето на јавното мислење овде на битолчани и можам да кажам јавно дека повеќе од две третини, ако не беше и блиску до 70 проценти се задоволни или се делумно задоволни од работата на градоначалникот Коњановски и од локалната самоуправа што претставува историски највисок резултат“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ истакна дека фокусот на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде зголемување на економската активност, подобрување на стандардот на граѓаните и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.












